Хелсиншкиот комитет соопшти дека минатата недела била доставени голем број на барања за правна помош поради повреди на правата на младите и наставниците поради нивните активности во Средношколскиот и Наставничкиот пленум. Наводите за повредите биле доставени од родители, претставници на Наставничкиот пленум и Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО).

бојкот

Комитетот истакнува дека е згрозен од притисоците врз средношколците кои ја бојкотираат наставата како што се: делење исписници, потпишување на изјави со сомнителна содржина, затворање на училишните сали, правење списоци за присуство и отсуство, закани со драконски парични казни и собирање на лични податоци за родителите, за да се врши дополнителен притисок за прекин на бојкотот на наставата.

Хелсиншки смета дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест.

„Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Во Конвенцијата за правата на децата, која Република Македонија ја има ратификувано и претставува дел од нашата правна рамка, ова право им се гарантира на децата во член 15 каде е наведено дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање“, се наведува во соопштението.

Поради тоа што со дејствијата на директорите на одредени средни училишта се врши директно попречување на правото на јавен собир, Хелсиншкиот комитет истакнува дека го задржува правото да обезбеди правна помош на сите лица кои како жртви на закани и притисоци поради учеството во средношколските протести сакаат да поведат кривични постапки за спречување на јавен протест.

Слични содржини