„Пустец шемата“ донесе над 600 гласачи во центарот на Скопје

од desk3

Обвинет за изборни нерегуларности во „Титаник“ првиот предмет со кој се промовираше Специјалното обвинителство,  градоначалникот на Пустец во соседна Албанија,  се товари за три кривични дела- Злосторничко здружување, повреда на избирачкото право и поткуп при избори и гласање. Обвинителниот акт вели дека Едмонд Темелко прифатил да организира и носи луѓе од Албанија, за да гласаат во Македонија, во места каде што тогашната власт сметала дека и се потребни сигурни гласови. За нив на незаконски начин биле издавани лични карти.

Зад целата шема, како што стои во обвинението, стоел екс премиерот Никола Груевски и неговите блиски соработници Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска во 2011, а Темелко им се приклучил подоцна во 2012. Жителите на Општина Центар реагираа изненадено кога на локалните избори во април 2013, на гласачките места се појавија нови лица, без ориентација во просторот и  нерасположени да кажат од каде се, каде живеат или кој ги донел.  Во јануари 2016-тата за ТВ 21 повеќе жители на Пустец признаа дека имаат македонски документи , и дека иако немаат постојано живеалиште во скопски Центар, доаѓаат да гласаат на избори.

Истрага на МВР, во декември 2015 резултираше со список од 424 лица, по потекло од Пустец,  кои добиле фиктивни адреси и незаконски лични карти за да гласаат во Македонија. Бројот подоцна порасна на преку 600 лица. Во меѓувреме сите се тргнати од избирачкиот список на Македонија.

Слични содржини