Цело раководство на СДСМ поднесе оставки, ќе има внатрепартиски избори во јуни

од Nikola Popovski

Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната 23-та седница донесе неколку одлуки и заклучоци, информираат од партијата. Претседателот на СДСМ во заминување, Димитар Ковачевски на седницата го потврдил повлекувањето од функцијата и иницирал свикување отчетен Конгрес.

Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.

Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.

-Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка.

Извршниот одбор донесе одлука за формирање на Работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ, согласно Статутот, велат од СДСМ.

Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите.

-Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови, стои во партиското соопштение.

Вчера во СДСМ зад затворена врата од партијата најавија седница на Извршниот одбор. Со писмено соопштение информираа дека Ковачевски се повлекува од функцијата претседател, којашто ја најави на 8-ми мај. Согласно со Статутот на партијата, иницираше свикување на Конгрес на СДСМ, каде ќе се направи анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите.

-На парламентарните избори, партијата доживеа пораз, со што е зададен тежок удар, не само од граѓаните туку и од симпатизерите, дел од сегашните членови на партијата, организирани во друг политички субјект, а стимулирани од поранешни носители на високи партиски функции. Јас и партиското раководство имаме одговорност. СДСМ ќе треба да погледне кои се резултатите и слабостите во изминатите 4 години, се вели во дописот на Ковачевски до Извршниот одбор на партијата.

Директорот на ТИРЗ и поранешен кандидат за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски смета дека вчерашната оставка на лидерот на СДСМ е задоцнет чекор, но сепак чекор во вистинска насока.

-Очекував овој чекор да се случи многу порано и очекував ова да го следат сите останати членови на раковдоството на партијата, за да веднаш преминеме во отворена дискусија за тоа кои се причините за катастрофалниот резултат. Веднаш треба да зборуваме и како понатмау, рече Деспотовски во емисијата „Студио 10“.

За вчерашното прегласување на седум избирачки места и изедначувањето на бројот на пратенички места меѓу СДСМ и ДУИ, Деспотовски вели дека „веќе не можеме да зборуваме за СДСМ и ДУИ заедно“.

На парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратеници, Европскиот фронт доби 18, коалицијата околу СДСМ исто 18, здружената албанска опозиција Влен доби 13, а партиите Левица и Знам добија по шест мандати.

Слични содржини