На денешен ден 28 мај Ian_Fleming_headshot

1660.- Роден е британскиот крал со германско потекло Џорџ Први, првиот монарх на Велика Британија од Хановерската династија. Во текот на неговото владеење од 1714 до 1727 година функцијата премиер стана клучна во извршната власт.

1738.- Роден е францускиот лекар Жозеф Ињас Гијотин, кој во Народното собрание на Франција за време на Француската револуција предложи извршување смртна казна со справа за отсекување на главата. Справата е наречена гилотина, според неговото презиме, а за првпат е употребена врз друмскиот разбојник Жак Пелетје, на 25 април 1792 година.

1749.- Умре Пиер Хуберт Сублејрас, француски сликар и бакрописец. Роден е на 25 ноември 1699 година.

1759.- Роден е англискиот државник Вилијам Пит, кој во 1783 година стана најмладиот премиер во историјата на Велика Британија. Во времето додека беше шеф на владата до 1801 и од 1804 до 1806 година водеше експанзивна колонијална политика, а во Индија ја зацврсти британската власт реформирајќи ја администрацијата. Како голем непријател на Француската револуција, беше главен организатор на европската коалиција против револуционерната и наполеонска Франција.

1805.- Во Берово е роден Илија Марков – Малешевски, прочуен македонски ајдутски војвода во втората половина на 19 век. Учествуваше во многубројните битки против Турците и поради своето херојство го нарекуваа Цар Малешевски. Умре во Ќустендил, на 29 април 1898 година.

1805.- Во Мардид умре Луиџи Бочерини, италијански композитор и виолончелист. Заслужен е за развојот на камерната музика за која напиша голем број композиции. Роден е на 19 февруари 1743 година.

1812.- Во Букурешт Русија и Осмалиското царство потпишаа мировен договор со што заврши шестгодишната војна. Русија ја доби Бесарабија, како и некои области на Кавказ, а Турција ги задржа Влашка и Молдавија.

1843.- Умре американскиот филолог и лексикограф Ноа Вебстер, симбол на лексикографската традиција на САД. Во 1806 година го објави својот прв речник на англиски јазик “Compendious Dictionary of the English Language”, а во 1828 година го објави речникот кој и денес го носи неговото име. Сите негови речници се сметаат за најдобри речници на своремениот англиски јазик.

1849.- Умре англиската писателка од ирско потекло Ана Бронте, најмладата од трите сестри писателки, автор на романите “Агнес Греј” и ” Станарката во Вајлдфел Хол”.

1864.- Австрискиот надвојвода Максимилијан Хабзбуршки пристигна во пристаништето Вера Круз каде беше крунисан за мексикански цар. Меѓутоа, неговото со сила наметнато владеење немаше долг век. Платеничката војска на Максимилијан се распадна пред ударите на мексиканските патриоти на чело со Бенито Хуарес, а самонаречениот цар беше фатен и стрелан со група негови генерали.

1871.- Седумдесет и двата дена на првата пролетерска револуција во историјата – Париската комуна, завршија со “крвава недела” во Париз, кога француските војници со помош на Прусија убија повеќе од 30.000 жители на Париз.

1884.- Роден е чешкиот државник Едуард Бенеш, претседател на Чехословачка од 1936 до 1938 и од 1945 до 1948 година.

1908.- Роден е британскиот писател и новинар Јан Ланкастер Флеминг, творецот на Џејмс Бонд. Беше офицер за разузнавање во британската морнарица. По Втората светска војна се повлече на Јамајка, тогаш британска колонија, каде почна да ги пишува серијата приказни за Џејмс Бонд, врз основа на кои настанаа низа филмови. Ликот го создаде по примерот на српскиот разузнувач Душко Попов, роден во Тител во Бачка, кој беше агент на Кралството Југославија и Британија (лажно и на Германија). Дела: „Казино ројал“, „Дијамантите се вечни“, „Од Русија со љубов“, „Само за твоите очи“.

1934.- Канаѓанката Оливиа Дион во Календер, во канадската држава Онтарио, роди пет девојчиња, наречени „Дионова петорка“, прва петорка во светот за која се знае дека преживеала.

1937.- Невил Чемберлен стана англиски премиер. Беше решителен носител на англиската и на европската политика за помирување.

1937.- Умре австрискиот психијатар Алфред Адлер, еден од пионерите на психоанализата, основач на правецот т.н. индивидуална психологија. Дела: „Пракса и теорија на индивидуалната психологија“, „Познавање на човекот“, „За нервозниот карактер“.

1940.- Австрискиот крал Леополд потпиша капитулација пред јуришот на единиците на Вермахтот во Втората светска војна. Меѓутоа, бегалската влада не го потпиша овој акт и се повлече во Франција.

1940.- Почна евакуацијата на поразените сојузнички сили од француското пристаниште Денкрек во Втората светска војна. До 2 јуни, во операцијата наречена „Динамо“,  во Велика Британија со 850 бродови беа префрлени 224.585 британски и 112.546 француски и белгиски војници, кои се најдоа во безизлезна ситуација по силниот продор на германските тенковски дивизии преку Франција до Ла Манш.

1961.- По 78 години сообраќај на линијата Париз – Истанбул престана да се експлоатира возот „Ориент експрес“.

1961.- Во Белград, на стадионот на ЈНА, македонскиот фудбалски клуб Вардар го победи Вартекс од Вараждин со 2:1 и првпат го освои Југословенскиот фудбалски куп.

1971.- Советскиот Сојуз во правец на Марс ја лансира автоматската вселенска сонда “Марс-3”, со тежина од пет тони.

1972.- Умре британскиот војвода од Виндзор, кој во 1936 година како крал Едвард VIII застана на престолот на Велика Британија, но истата година под притисок на владата и парламентот поради венчавањето со Американката Волис Симпсон, која беше двапати разведена, се откажа во корист на помладиот брат Џорџ VI. Потоа до смртта живееше во странство под името војводата од Виндзор.

1976.- Советскиот Сојуз и САД потпишаа договор за ограничување на подземните нуклеарни проби.

1983.- Во Скопје, првиот фудбалски женски клуб во Македонија Единство (формиран во 1983 година) го одигра првиот ревијален натпревар против женскиот фудбалски клуб Машинец од Ниш. Заврши со победа на Машинец, 7:2.

1984.- Иранскиот претседател Али Хамнеи ги предупреди арапските земји во Персискиот Залив да останат настрана во војната помеѓу Иран и Ирак, во спротивно и тие ќе „сносат последици“.

1986.- Двајца советски космонаути излегоа од орбитната станица „Саљут 7“ и помина неполни четири часа во „вселенска прошетка“.

1993.- Република Македонија е примена во членството на Меѓународната организација на трудот со седиште во Женева, специјализирана агенција на ООН.

1994.- Во Битола е отворено Првото меѓународно графичко триенале.

1995.- Во земјотрес кој го погоди рускиот град Нефтегорск на островот Сахалин загинаа најмалку 1.989 луѓе.

1995.- На филмскиот Фестивал во Кан филмот „Подземје – беше еднаш една земја“ на режисерот Емир Кустурица ја доби „Златната палма“, втора главна фестивалска награда во неговата кариера.

1997.- Русија и Украина потпишаа договор со кој на руската Црноморска флота и е овозможено 20 години да ја користи поморската база во пристаништето Севастопол на полуостровот Крим.

1998.- Пакистан и официјално стана нуклеарна сила, извршувајќи пет нуклеарни пробни експлозии.

2002.- Либијската влада понуди вкупно 2,7 милијарди долари за обесштетување на 270 семејства  жртви при експлозија на авионот на американската компанија „Пан Ам“ во 1988 година над местото Локерби во Шкотска, за што беше обвинет официјален Триполи, во замена за симнување на санцкиите кои врз Либија ги наметнаа САД и Обединетите нации.

2008.- Во Непал е укината монархијата, од како Уставотворното собрание во Катманду изгласа воведување република.

2015.- На 59-годишна возраст почина македонскиот музичар, кантавторот Драган Каранфиловски – Бојс. Бојс ја започнал кариерата во 73-та година, формирајќи ја групата „Македонија“, па потоа преку култната „Мадригали“ и „Трн во око“, да продолжи како кантавтор на веќе легендарните „Опасно сум вљубен во тебе“, „Велерија“, „Лулај ме нежно“, „Парижанка“… Карафиловски е автор и на бројни хитови кои ги изведувале други пејачи, а има компонирано музика и за неколку ТВ – серии.

Иѕбор МИА

Слични содржини