“Поминаа 24 часа од грозоморниот напад со огнено оружје врз лекар, наш асистент. Чин кој за жал е кулминација во една долга низа физички напади врз лекари. Луѓе кои своите животи ги посветуваат на хуманост и алтруизам.

nikola-todorov

Без разлика дали лекарот бил виновен за нешто, односно направил некаква лекарска грешка (нешто кое треба и може да го провери само стручна комисија од Судска медицина) ваквиот начин на пресметување и пресудување не смее и не може да биде оправдан или пак да стане секојдневие.

Ние, студентите по медицина, стоматологија и фармација, најостро го осудуваме овој напад врз член на здравствената фела. Исто така, мора да имаме в предвид дека доколку продолжат вакви настани, во иднина може да биде загрозен животот на некој студент.

Индиректен виновник за овој настан и други многу слични, и личност од која бараме морална одговорност, која мора да се сноси е Министерот за здравство, Никола Тодоров.

Ова не е изолиран случај. Црната кампања за демонизирање на медицинска фела трае веќе долги години. Беше тоа ѕидот на срамот, казнувањата, па дури и политичките апсења на лекари. Угледот на професијата е комплетно руиниран и девалвиран. Болниците функционираат со скратени фондови, лекарите се некогаш без основните материјали за работа и/или работат во простории несоодветни за дејноста, безбедноста во здравствените установи е на ниско ниво.

Министерот е веќе четврта година на функција, а здравството е донесено на колена. Како тоа чувствувате Вие морална одговорност за секоја несреќа во болниците, а не сакате да си поднесете оставка? Како можете да си дозволите на себеси да си играте со човечките животи на пациентите, на лекарите и целиот медицински персонал?

Поради овие причини, а и многу други, интерниот пленум ја дава безрезервната поддршка на лекарите, на нашите професори, асистенти и ментори. Бараме министерот да сноси одговорност и да си поднесе оставка. Потребно е министерството да биде водено од човек кој би ја разбирал потребата од дијалог со студентите, специјализантите, лекарите и професорите и решавање на нивните проблеми. Бараме здравствен систем кој ќе функционира и ќе не’ предомисли од нашите планови по дипломирањето да бараме работа во странство. Систем каде нема да биде погазено нашето достоинство и ќе биде вреднуван нашиот труд и знаење.”- пишува во реакцијата на Студентскиот пленум на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот Факултет.

Слични содржини