Втората вечер на 41. издание на театарскиот фестивал „Млад отворен театар“ беше отворена со претставата на Словенско младинско гледалишче “Ние, европски лешеви“, во режија на Себастијан Хорват.
Неслучајно претставите на Словенско младинско гледалишче се меѓу најраспродадените на МОТ секоја година. Добар дел од верната театарска публика, долги години практично го поистоветува фестивалот со исчекувањето на ново креативно гоштевање од овој извонреден ансамбл. И тој секогаш нуди нешто ново.
Овогодинешната претстава ја остави публиката со измешани емоции, во најмала рака. Тоа е перформанс за кој треба да преспиете, пред да дадете суд. Како реакција на сиот апсурд кој ни го сервира историски Европа, во еден искарикиран бес, актерите нè соочуваат брутално со лицемерието и хипокризијата на секој еден општествен контекст.
Крајностите и осцилациите во естетиката на режисерот, кој создава втора претстава во првата на сцената, наменски повремено преминуваат во кич и бура на емоции тешка за следење, со идеја да се отворат очите на гледачот кој упорно сака да гледа низ прсти и да ја замачка реалноста.
Претставата го соблекува и ја демаскира перверзноста на хуманистот, борецот, револуционерот и “гласноговорникот“ на денешницата.
Текстот за претставата е всушност репродукција на Симона Семениќ, несомнено најрадикалната словенечка писателка, која ќе го парафразира “Жртви на бенг – бенг модата“ ( претставата со која се означува поставувањето на Јовановиќ за уметнички директор на Словенско младинско гледалишче, кое тој и неговите колеги го претвориле во најзначајното театарско поглавје на овие простори во минатиот век) и ќе создаде нов драмски текст, по повод 60-годишнината од постоењето на театарот.
Себастијан Хорват е еден од позначајните словенечки режисери, кој студирал театарска режија во Љубљана, каде што дипломирал во 1998 година со претставата „Елсинор“, базирана на адаптација на Шекспировиот Хамлет.
Вечерва, пак, на програмата на МОТ ќе може да се погледне еден од водечките германски режисери Томас Остермаер, кој со престижниот театар „Види“ од Лозана ќе ја изведе претставата „Галеб“ од Чехов.
Остермаер, ексклузивитетот на овогодишната фестивалска програма, во оваа пиеса започнува дијалог со Чехов за љубовта и театарот, по 20 век. Тој ги разоткрива предизвиците во секоја сцена, притоа одбегнува историска реконструкција со што излегува на виделина современата резонантност на ремек-делото од овој руски автор.
Роден во 1968 година во Золтау, Томас Остермаер денеска е еден од најинвентивните и највпечталивите германски театарски режисери. Приказната на Остермаер започнува во една мала сала во Берлин наречена Die Baracke. Thomas Langhoff, директорот на Deutsches Theater му го доверува и го поставува за управител на овој простор поврзан со големиот театар, каде што во тоа време се одржувале драмски читања и одредени изведби, но просторот немал свое конкретно раководство. Од 1996, Томас Остермаер го трансформира просторот наречен Die Baracke во истражувачки простор, чиј модел е преземен од највпечатливите искуства од 20-те и 30-те години во Москва: експерименталните студија на Мејерхољд и Станиславски. Основната идеја била да може да се експериментира во услови на заштитеност под заштита на една голема институција како Deutsches Theater, со други зборови без обврска за успех. На почетокот, местото е замислено како простор за експериментирање во областа на актерската игра, но и како место што дозволува тестирање на новите драмски текстови. Тие се читани, одбирани, поставувани. Оттогаш, германскиот автор гаи интерес за новите драми, а експерименталната работа исто така, го научила да обрнува огромно внимание на преводите кога поставува странски текстови. Авантурата со Die Baracke завршува 1999 кога Остермаер застанува на чело на Schaubühne каде што ги поставува своите најзначајни проекти. Остермаер е добитник на голем дел од најзначајните театарски признанија и неговите претстави се неизоставен дел од најпрестижните светски фестивали.
Ф.А.