На денешната седница за советнички прашања, Игор Алаџајков од СДСМ праша дали по две години од демолирањето на општина Центар се знае кои беа нарачателите и сторителите?

Sovetnicki prasanja 3.3.2015

„Дали од она што го слушнавме вчера од снимките меѓу министрите Јанкулоска и Ставревски е појасно бидејќи, како што рече тој и самите признаваат дека со Центар направиле глупост?“, праша Алаџајков.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Илијовски побара да не се шпекулира, бидејќи се изнесуваат факти за снимки кои се во судска постапка.

„Се изнесуваат работи кои не го третираат градоначалникот“, рече Илијовски.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, рече дека вчера презентираните разговори меѓу министрите Јанкулоска и Ставревски го вратиле на настаните на 7-ми јуни, 2013-та година, а окованите прозори на салата на Советот на општината говорат за тоа што тука се случувало.

Несфатливо е, рече тој, како по две години министерката Јанкулоска не успеа да го документира и процесуира таканаречениот спонтан собир.

„Ни беше кажано дека МВР интензивно трага по сторителите. Се’ уште нема пријави за нив, а истите тие иако министерката тврди дека не знае кои се тие лица, со еден од нив успеала и да се слика. Лицата се сликани и со премиерот Груевски и со градоначалникот Коце Трајановски. За МВР настанот од 7-ми јули 2013-та не постои и се однесуваат како никогаш да не се случил. Министерката, во вчерашниот разговор, самата се нарече “менаџер“ на настанот. Ова не смее да остане нерешено“, изјави Жерновски.

Тој додаде и дека денеска очекува од советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцираат и оградат од она што го кажале министрите.

Има сеуште време за Вас, им порача Жерновски, да се оградите од она што свесно го правеле министерката за внатрешни работи и Владата, инаку и Вие станувате соучесници.

„Не смееме да дозволиме ова никаде и никогаш повеќе да не се повтори. Ако видовте од вчерашната прес конференција на министерот за финансии, Зоран Ставревски, тој не демантираше дека постои таков разговор. Само кусо кажа дека економски, Македонија стоела добро. Вие не смеете да бидете соучесници“, порача Жерновски.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров рече дека Советот не треба да биде истражен орган и не треба да цени дали нешто е извадено од контекст или не.

Ѓошо Вангелов и Весна Милосавлевска, советници од советничката група на СДСМ прашаа до кога колегите од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат „слепи при очи“ и зошто она што се случуваше пред 2 години го нема во ниту еден записник.

„Како организатор, тогаш се јавуваше извесна невладина Веритас, за која подоцна утврдивме дека не постои и дека служи само како маска за некој да го организира тоа. Ако тие молчат, не значи дека и ние треба исто да молчиме“, рече Жерновски.

На констатацијата на советникот Горан Богдановски од ВМРО-ДПМНЕ, дека за среќа – никој не бил повреден и како што рече, за среќа тука била полицијата и ја завршила работата, градоначалникот Жерновски одговори дека постојат работи што не се бранат. Ова, му порача на Богдановски, јас никогаш не би го бранел.

„Министерот за финансии вели дека не чини ова што тука се правело, а вие го браните. Направив допис до министерката Јанкулоска, но одговор нема. Ова треба да ни биде поука за да се спречи било каков вандализам на друго место“, рече Жерновски./извор А1Он

Слични содржини