Во еден од документите објавени на Викиликс, може да се најде дипломатска депеша на поранешниот амбасадор Филип Рикер на релација Скопје-Вашингтон во која тема се хашките случаи кои беа вратени за одлучување во Македонија, кои повторно станаа актуелни со вчерашната „бомба“ на Заев.

gruevski_riker-540x378

Документот известува за состанок од 21 септември 2008 година. Ви пренесуваме дел од истиот.

„Груевски рече дека разбира дека ова е тешко прашање за неговиот коалициски партнер, албанската партија ДУИ, и рече истиот ден ќе оствари средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да разговараат за ова прашање. Тој додаде дека државниот јавен обвинител неодамна му рекол дека Законот за амнестија од 2002 не се однесува на овие случаи (како што тврди Ахмети), и дека ќе продолжи со три од четирите случаи (Груевски рече дека обвинителот му рекол дека нема доволно докази за да се продолжи со т.н. случај за „Водството на ОНА“).

Груевски додаде дека обвинителот оцени дека би можеле да поминат пет години додека овие случаи завршат. Случајот со „Мавровските работници“ е единствен каде судската постапка веќе е започната, но Груевски рече дека обвинителот му рекол дека фактот што има 19 обвинети и случајот е комплексен и стар седум години ќе им овозможи на адвокатите да го влечат процесот со години. Груевски додаде дека во другиот случај „Непроштено“ обвинителот рекол дека постои силно сведочење на очевидци дека Командант Лека (сега пратеник на ДПА) убил невооружен цивили. Груевски додаде дека судовите во Белград и Сараево имаат процесирано случаи кои Меѓународниот суд одлучи да не ги продолжи, па и Македонија го има истото право“, стои во документот објавен на Викиликс.

Груевски во разговорот рекол дека тој е во деликатна политичка позиција и дека нема да има проблем ако државниот обвинител или судовите пресудат дека Законот за амнестија навистина се однесува на случаите и тие бидат отфрлени, но верува дека тој не може да заземе став за случаите, освен да остави да продолжат.

„Тој е загрижен дека главните албански партии, ДПА и ДУИ, можат наскоро да побараат парламентот да заземе став за прашањето. Иако разбира дека неговиот коалициски договор со ДУИ би можел да се доведе под знак прашалник, тој ни кажа дека не може да го критикува процесирањето на судските случаи и потоа да се соочи со македонската заедница, особено поради тоа што Хашкиот трибунал неодамна го осуди поранешниот функционер во МВР Јохан Тарчуловски за воени злосторства“, стои во документот објавен на Викиликс.

Може да се каже дека документот на Викиликс го потврдува тоа што го кажа Заев на вчерашниот прес, како и тоа што можеше да се слушне од објавените снимки, направени во 2011, односно 3 години по депешата на Рикер.

– Од снимките што ќе ги објавиме на оваа прес конфернција ќе се уверите дека за да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат “македонските национални интереси“ во коишто тој се крсти пред граѓаните Македонци, ниту го интересираат законите, ниту го интересираат неговите соработници – од министри, до пратеници. Ќе слушнете како без око да му трепне ги фрла во оган најблиските негови соработници во Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот – во  коалициските пазари во коишто неговата единствена цел е да ја обезбеди својата премиерска фотеља – рече вчера Заев.

Според СДСМ, Груевски бил свесен дека се работи за правно неизводлива процедура на амнестија, која ја натоварил на пратениците и на министрите – пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Очигледно, и во 2008 и во 2011 Груевски единствено бил загрижен за реакцијата кај Македонците и нивната перцепција за него како бранител на „македонштината“, па се додека некој друг (обвинителот или судовите, како што рекол во 2008, или парламентот како што се случи во 2011) ја заврши „валканата работа“, тој нема проблем со тоа.

Снимките објавени вчера слушнете ги во продолжение.

Libertas

 

Слични содржини