Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје изврши увид на вкупно 12 сообраќајни несреќи, од кои осум се со материјална штета и четири се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четири лица.скопје-сообраќај

Како што информираа за МИА од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци.

Санкционирани се двајца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, четворица возачи поминале на црвено светло на семафор и 20 возачи кои го управувале возилото без возачка дозвола, односно нерегистрирано.

Затекнати се и 37 непрописно паркирани возила и седум возачи кои за време на управување на возилото го користеле мобилниот телефон.

Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 62 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Димитар Македонски“ со учениците од второ одделение, кое се наоѓа на подрачјето на општина Аеродром.

Денеска со почеток во 19:00 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одигра ревијален меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу КК  Работнички и КК Фенербакче, од Турција.

Утре, сабота, со почеток во 17:30 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамките  на  Лигата на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и РК Мешков Брест.

Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот како и на овие вонредни настани, од сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.

Слични содржини