Вучиќ: Кетрин Ештон нема да биде мој советник

од Vladimir Zorba

Српскиот претседател Алаксандар Вучиќ  ги демантираше информациите што се појавија во некои белградски медиуми дека поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон ќе биде негова советничка.

Белградските медиуми објавија дека овој ангажман на Ештон бил и една од главните причини за нејзината вчерашна ненајавена средба со Вучиќ, само пет дена откако тој положи заклетва и официјално стана претседател на Србија.

 Вучиќ во изјава за српската државна телевизија РТС потврди дека се сретнал со Ештон, која, како што рече. многу ја почитува како личност од која може многу да се научи, но ги демантираше наводите дека таа ќе биде именувана за негов советник.

– Не разговаравме за советнички ангажман, туку за различни теми, како што е состојбата на Балканот и европската перспектива на целиот регион, рече Вучиќ.

Британската Ештон беше висока претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност од 2009 до 2014 година. Во нејзиниот мандат почна и политичкиот дијалог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Слични содржини