Јачева-Улчар: За да биде еден јазик жив, еластичен и витален му се потребни „борци“, а тие се токму говорителите на македонскиот јазик

од Nikola Popovski

Државата ќе треба да посвети поголемо внимание и да обезбеди повеќе средства за поттикнување на научни проекти од национално значење, вели за „Локално“ македонистката и професор од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елка Јачева-Улчар по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Според неа, само така би се пополниле празнините кои постојат во македонската наука за јазикот како што се: непостоење Електронски корпус на македонскиот јазик, Академска граматика на македонскиот јазик, Етимолошки речник на македонскиот јазик, повеќе двојазични речници, нови дијалектолошки истражувања, особено на оние наши говори кои се наоѓаат надвор од границите на нашата држава…

-Во овој контекст од особена важност е и формирањето на Комисија за стандардизација на географски имиња и други имиња, со чија работа ќе се помогне решавањето на проблемите што ги имаме со двојазичните топоними, имињата на улиците и институциите, личните имиња во личните документи итн, порачува професорката.

Јачева-Улчар се согласува дека потребно отворање на повеќе катедри за македонски јазик во странство, што ќе значи поголемо инвестирање на македонската држава во афирмацијата и проучувањето на македонскиот јазик, не само во земјава туку и во странство.

-За да се оствари ова потребна е силна поддршка, пред сè, финансиска на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој во своето, речиси, шестдецениско постоење со отворањето лекторати ‒ претставува вистински расадник на македонисти низ светот, порачува Јачева-Улчар.

Професорката е категорична дека никој не му може ништо на нашиот јазик.

-Тој ќе живее сè додека е жив и последниот Македонец. Македонскиот јазик се изучува на сите нивоа од образовниот систем во Р. Македонија и има своја примена во сите области на современото и културно живеење. Кажано со јазикот на лингвистите,  македонскиот јазик ги има развиено сите функционални стилови (научен, административен, уметнички, публицистички, разговорен)  што ги има секој друг современ стандарден јазик во светот. Тоа што нормата успеала многу бргу да се стабилизира без наметнати посебни укази и декрети, веднаш по својата кодификација во 1945 година, најдобро говори за природноста на нашиот јазик, иако  од оние со големи апетити за Македонија нашиот јазик е квалификуван како вештачки. Дека тоа не е така најдобро потврдуваат огромниот број страници убава литература напишани на македонски, големиот број весници, огромниот број научни трудови напишани за македонскиот и на македонски јазик, ни рече соговорничката и додава дека треба да се направи државна стратегија и владата и опозицијата да се усогласат по ова прашање.

-И не само по ова прашање. И позицијата и опозицијата, прво и , пред сè, треба да се усогласат околу економското закрепнување на Македонија со што ќе се спречи одливот на младите надвор од земјава. На тој начин најдобро ќе го зачуваме и ќе го зацврстиме македонскиот јазик. Во спротивно бадијала ќе нибидат сите стратегии, мерки, закони и институции. Зашто за да биде еден јазик жив, еластичен и витален му се потребни „борци“, а тие борци се токму говорителите на македонскиот јазик. И да, се разбира дека му е потребна стратегија, која, веќе е предвидена со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик кој е во завршна фаза пред донесување во Македонското собрание, порачува Јачева-Улчар.

Според неа, забележителен е трендот на сè поголема присутност на англизми, па дури и на англиска структура на реченицата во говорот на младите Македонци.

-Затоа сметам дека кај младите луѓе уште од најмала возраст треба да се негува љубовта спрема македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик е со многу мал зборувачи и дека ако ние не го негуваме и чуваме, нема кој друг да го прави тоа наместо нас. Оттука, за да се подигне јазичната култура и во основното и во средното образование, треба многу помалку учење ЗА јазикот, односно, помалку граматика, а повеќе пишување, читање и пеење НА македонски јазик, како и повеќе насочување на младите Македонци кон македонските национални книжевни достоинства, ни кажа професорката во разговорот.

Н.П.

Слични содржини