30 дена притвор за четворицата осомничени за убиствата на Вања и Панче

од Nikola Popovski

Судија на претходна постапка им одреди по 30 дена притвор на четворицата осомничени за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓоревска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, по синоќешниот распит во Основниот кривичен суд Скопје. Меѓу нив е и таткото на Вања, Александар Ѓоревски, кого обвинителството го сомничи за помагање, односно дека дал информации за движењето на детето.

Информацијата за определниот притвор ја потврдија од Јавното обвинителство, на чие барање се одредени притворите. Вчера доцна вечерта, речиси истовремено со вонредната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на која меѓу другото соопшти дека за случајот со убиствата е поднесена кривична пријава која е на повеќе од 100 страници, од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против петтемина осомничени.

Тоа значи дека предметот напредува еден чекор и дека обвинителството е уверено дека има докази против осомничените, за случајот да премине од предистрага во истрага. Во моментот на отворање на истрагата, соопштението на ОЈО Скопје само потврдува – која е главната теза која ќе се обиде да ја докаже. Дека Панче Жежовски бил киднапиран, а потоа и убиен, за да му го земат автомобилот марка Цитроен, возилото со кое пет дена подоцна ќе биде грабната следната жртва, Вања Ѓорчевска.

Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, веќе изјави дека тројца од осомничените веќе го признале делото. Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, според тоа што го има јавно соопштено истрагата, засега не признава дека го сторил делото за кое е осомничен. Првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо кој беше во бегство, дури по екстрадицијата ќе има можност да се изјасни по делата за кои се сомничи.

На него судот веќе му определи мерка притвор, која ќе се активира веднаш откако ќе биде донесен во земјава.

Слични содржини