„Не се чувствувам виновен за делата тероризам и терористичка организација, што ми се ставаат на товар со обвинителниот акт“. Вака се изјаснија сите 29 обвинети за настаните во Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, како и за нападот на караулата Гошинце, кон крајот на април истата година.

Еден од обвинетите, изјаснувајќи се по наводите од обвинителниот акт, рече дека жали за настаните во мај и не негира дека бил припадник на група, но не се чувствува виновен за тоа за што го товари обвинителството.

divo-naselje-sudenje

Друг од обвинетите рече дека воопшто не бил ниту во Гошинце, ниту во Куманово.

На почетокот на судењето, претседателката на Судскиот совет, Верка Петковска, ги отфрли како неосновани приговорите на адвокатите Шазифер Исеини и Насер Рауфи, за неисполнување на условите за почеток на судењето, поради тоа што не било извршено психијатриско вештање на обвинетите и барањето Специјалното јавно обвинителство да го преземе случајот.

Судијата Петковска рече дека барањето за изземање на обвинителите се отфрла како неосновано, додавајќи дека од СЈО до судот не е доставено известување за преземање на предметот, а сè дотогаш надлежно за случајот е Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција.

 

(ВИДЕО) Меѓу обвинетите за “Диво насеље” високо оразовани кадри, не беше одобрено барањето СЈО да го преземе случајот

– Ако сте поднеле барање и СЈО се произнесе, нема да има никаков проблем, како и за другите предмети – рече Петковска и ја отвори главната расправа.

Обвинителот Наум Пановски го образложи обвинителниот акт, почнувајќи со нападот на караулата Гошинце, а потоа даде осврт и на настаните во Диво Насеље.

Од доказите, рече Пановски, кои биле прибрани во истрагата, било утврдено дека структурата на групата била поделена на три хиерархиски дела. Првото ниво го сочинувало командната структура, второто – логистиката која обезбедувала помош, а третото, најниско ниво, го сочинувале членови на паравоена структура.

– Командната структура и паравоената структура ја сочинувале претежно државјани на Косово, а логистиката ја обезбедуваат македонски државјани… Од приложените докази, кои ќе бидат изведени во текот на постапката, ова обвинителство смета дека несомнено ќе се докаже учеството на обвинетите во дејствата за кои се товарат, а ќе се докаже и основаноста на правната квалификација на делата што се ставаат на товар на обвинетите – рече Пановски.

Адвокатот на дел од обвинетите, Шазифар Исеини, на почетокот на своето изложување, рече дека обвинението како што е поставено не е на стаклени нозе, туку повеќе е на хартиени нозе. Според него, во обвинението нема никакви докази, ниту има основа за обвинетите да се товарат за тероризам и за терористичка организација и се обиде да укаже дека во обвинението има многу релативни и непрецизни наводи.

– Самиот факт што обвинението почнува со тоа дека „на почетокот на јануари во 2015 година создале група“ е многу релативно бидејќи нема ниту на кој ден била формирана групата, како, од кого?! Не е спорно тоа што се случи во Гошинце, ниту, пак, тоа што се случи во Куманово. Но, спорна е поврзаноста на овие настани и на учесниците во нив – рече адвокатот Исеини.

Судењето за Диво Насеље, кое почна пред 12 часот, сè уште трае и во тек е воведниот збор на адвокатите на одбраната.

 

МЕТА

Слични содржини