Кои се клучните прашања во врска со позитивниот тест на Трамп, на кои нема одговор?

од Nikola Popovski
132 прегледи

Поминаа три дена од шокантната објава дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија се заразени со коронавирус.

Од петокот, кога беше објавено дека американскиот претседател е позитивен на Ковид-19, Трамп завршил во воената болница „Валтер Рид“, а се поголем број високи функционери во неговата администрација исто така се заразени со коронавирус.

Како што стојат работите сега, постојат голем број важни прашања кои остануваат неодговорени, и токму одговорите на овие прашања можат да бидат клучни за да се разбере колкава штета ќе му нанесе коронавирусот на Трамп – од неговото здравје, неговата репутација, до неговата политичка позиција.

Кога последен пат Трамп имал негативен тест за Ковид-19?

Едно од критичните прашања е: Кога точно Белата куќа откри дека Трамп е позитивен на Ковид-19?

На прес-конференциите на медицинскиот тим на Трамп, одржани во саботата и неделата, постојано се поставувало прашањето кога Трамп последен пат имал негативен тест за ковид-19. Медицинскиот тим на Белата куќа избегна да одговори секој пат.

Официјалната верзија на Белата куќа вели дека Трамп почнал да се чувствува лошо во четвртокот вечерта, по што бил тестиран и објавено во текот на ноќта дека е позитивен.

Според „Волстрит журнал“, Трамп ги добил резултатите од брз тест, кој бил позитивен, пред телефонското интервју со „Фокс њуз“. Но, тој не објавил дека е позитивен се додека не добил потврда за вториот тест, кој е попрецизен од брзиот.

„Нема да ви ги дадам точните времиња на тестирање на претседателот“, изјавила за новинарите портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекенани, во неделата вечерта, додавајќи: „Тој редовно беше тестиран, а првиот позитивен тест го добивме кога се врати од донаторска вечера во Бедминстер“.

Белата куќа: Лекарот погрешно се изразил

Дополнителни компликации беа создадени со изјава на докторот на Трамп, Шон Конли, кој во воведното соопштение на прес-конференцијата во саботата рече дека Трамп е дијагностициран пред 72 часа, што би значело дека Белата куќа знаела дека Трамп е позитивен во средата, пред големиот митинг во Минесота и донаторските вечери во четврток.

Последователно, Белата куќа издала изјава во која се тврди дека лекарот на претседателот „погрешно изразил“ и дека тој сакал да каже дека претседателот е „на третиот ден“ од неговата болест

Ако ја знаевме точната временска секвенца, која ќе ги вклучуваше и тестовите и резултатите од индивидуалните тестови, ќе беше многу појасно дали Белата куќа или Трамп лично се обиделе да ги сокријат клучните информации за инфекцијата со Ковид-19.

Дали ги знаеме сите факти за здравјето на Трамп?

Белата куќа и медицинскиот тим на Трамп не билецелосно транспарентни за точната природа на здравјето на претседателот, пишува Би-Би-Си.

Во петокот, тие прво рекле дека има лесни симптоми. Оттогаш дознавме дека тој имал висока температура и тешкотии во дишењето во петокот и дека примал кислород.

Во саботата, д-р Конли пред новинарите изјави дека Трамп е „многу добро“ и дека неговиот медицински тим е „многу среќен“ за неговиот напредок. Веднаш потоа, шефот на канцеларијата на Трамп, Мајк Медоуз, соопштил пред новинарите дека состојбата на претседателот е „многу загрижувачка“ и дека „не е на патот кон целосно закрепнување“.

Во неделата, Конли се обиде да го објасни оваа несовпаѓање со следната изјава: „Не сакав да дадам информација што може да го одведе текот на болеста во друга насока“. Ова е крајно невообичаена изјава со оглед на фактот дека текот на болеста нема никаква врска со изјавите на медицинскиот тим на претседателот.

Имало и други изјави кои сугерираат дека медицинскиот тим на Трамп не е целосно искрен за состојбата на претседателот.

На пример, во недела, д-р Конли изјавил дека претседателот покрај тоа што добил антивирусен коктел од лекови, како и дексаметазон – стероид кој обично им се препишува на луѓе кои се во сериозна или критична состојба поради Ковид-19. Тој рече дека претседателот во саботата имал нов пад на кислород во крвта, но не кажа колкав е тој пад.

Трамп, поради неговата медицинска историја и фактот дека има 74 години, спаѓа во групата со висок ризик за компликации предизвикани од коронавирус. Не би било невообичаено лекарите да се определат за агресивен пристап кон лекувањето, пишува Би-Би-Си, но контрадикторните изјави и објаснувања може да ја нарушат довербата на јавноста во медицинскиот тим на претседателот.

Слични содржини