Филмско враќање во Белата куќа: Трамп излезе од болница (видео)

од Nikola Popovski
298 прегледи

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја напушти воената болница, каде три дена се лекуваше од Kовид-19 и се врати во Белата куќа.

Со маска на лицето и подигната тупаница, Трамп го напушти Националниот воено-медицински центар „Валтер Рид“ и влезе во возило, кое го однесе на воениот аеродром за краток лет со хеликоптер назад кон Белата куќа.

„Благодарам многу“, изјавил Трамп пред новинарите.

Трамп на Твитер објави и кратка видео порака во која им порача на Американците дека имаат на располагање најдобри, неодамна развиени лекови.

„Отидов во болница, не се чувствував најдобро и веќе пред два дена се чувствував одлично…Живееме во најдобрата земја во светот“, рекол Трамп.

Тој истакнал дека „сега е добро“ и дека е „можеби имун“, наведувајќи дека „вакцините доаѓаат наскоро“.

Како што е најавено, Трамп ќе продолжи да ја прима терапијата во Белата куќа.

Лекарот на американскиот претседател Шон Конли изјави дека Трамп ги исполнил стандардните критериуми на болницата за да биде пуштен од неа во последните 24 часа. Тој додаде дека Трамп немал температура повеќе од 72 часа и дека има нормално ниво на кислород.

„Иако не е целосно надвор од опасност, тимот и јас се согласуваме дека нашите проценки, и што е најважно, неговиот клинички статус, го поддржуваат претседателот безбедно да се врати дома, каде што тој ќе има најдобра медицинска нега во светот 24 часа на ден“, рекол Конли.

Тимот на лекари на Трамп, исто така, објави дека претседателот ќе ја добие петтата доза на лекот ремдесивир во вторник во Белата куќа, јавуваат американските медиуми.

Пред да ја напушти болницата, Трамп им порачал на Американците дека не треба да дозволуваат пандемијата да ги контролира нивните животи.

Слични содржини