Во Бабушкинскиот суд во Москва денес беше потврдена пресудата дека условната казна на рускиот опозиционер и блогер Алексеј Навални ќе биде заменета со затворска во случајот „Ив Рошер“. Пресудата стапи на сила и може да почне да се извршува наскоро.
Навални ќе биде лишен од слобода околу две и пол години, бидејќи ќе биде вклучено и времето што го помина во домашен притвор од 28 февруари 2014 година до 30 декември 2014 година.
Во случајот „Ив Рошер“, Навални беше осуден за кражба на 30 милиони рубли.
Во судницата имало претставници на девет земји – Литванија, Летонија, Естонија, Полска, Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Холандија.
Исто така, покрај руските новинари, акредитирани беа 18 странски медиуми за известување.
Одбраната на Навални побара да се поништи претходно донесената судска одлука, што судот го одби.