Премиерот Зоран Заев денес најави дека кон крајот на овој или на почетокот на следниот месец, Македонија ќе започне со имунизација на населението.
„Додека не потврдат одлука од ‘Фајзер‘, ‘Спутник‘ или ‘Синофарм‘ дека вакцините се товарени, ние не можеме точно да кажеме кога ќе стигнат. Она што го знаеме, е дека кон крај на март ќе стигнат првите количини од Ковакс механизмот и верувам дека тогаш ќе бидеме подготвени за масовната вакцинација“, соопшти Заев.
Тој исто така најави дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат вторите 3.000 дози од Спутник V кои ќе се користат како втора доза за здравствените работници кои ја примија првата доза.
Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението.
Во поликлиниката Јане Сандански веќе се даваат и последните дози од руската вакцина Спутник, поради што голем број на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат ќе останат незаштитени и ќе треба да почекаат да стигнат нови количини на вакцини.
Според последните податоци на здравствените власти до сега во земјава вакцинирани се само околу 6 500 здравствени работници.