Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Дејан Георгиевски, кој на Олимписките игри во Токио освои сребрен медал во таеквондо.
Претседателот Пендаровски честитајќи му го извонредното постигнување и освоениот медал на Дејан Георгиевски, истакна дека неговиот успех донесе огромна слава и радост за цела држава и претставуваше чин којшто ги сплоти сите граѓани.
– Ви благодарам во името на сите граѓани што нѐ направивте горди и што потврдивте дека со голем напор и залагање, професионалност и посветеност нема недостижни цели. Дадовте пример за сите македонски спортисти дека можат да се освојуваат светските спортски тронови, пример кој се надевам ќе го следат младите, рече претседателот Пендаровски на средбата.
Претседателот изрази надеж дека ова е само почеток на големите успеси, како на Дејан Георгиевски, така и на овој спорт во нашата држава и даде уверување дека секогаш македонските спортисти ќе ја имаат неговата поддршка.
Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал во таеквондо на Олимписките игри во Токио, што претставува историски најголем успех на македонски спортист постигнат на Олимписки игри од независноста на нашата држава.