Меркел од Тирана: С. Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
220 прегледи

Германската канцеларка Ангела Меркел изјавила денеска, по заедничката средба со премиерите на земјите од Западен Балкан во Тирана, дека берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ и не го смета за неуспешен и нагласила дека Балканот има многу пријатели во Европа.

На прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Меркел посочила дека го поддржува проектот за формирање заеднички регионален пазар.

„Колку повеќе соработка, толку подобро“, додаде таа.

Албанскиот премиер Рама рекол дека иницијативата Отворен Балкан е родена од Берлинскиот процес како механизам што ќе го забрза и како средство за негова реализација.

Рама додал дека „неверојатно е што Косово не ја користи оваа иницијатива, која ги вклучува Србија, Северна Македонија и Албанија“.

Меркел повторила дека Германија е заинтересирана за интеграција на Западен Балкан во ЕУ и ѝ честита на Албанија за напорите за реструктуирање на судскиот систем.

Таа оценила дека Албанија и Северна Македонија ги исполниле условите за почеток на преговорите со ЕУ, но дека, за жал, тоа не е остварено поради ветото на Бугарија.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ, премиерите на Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово – Еди Рама, Здравко Кривокапиќ, Зоран Заев и Албин Курти и претседателот на Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија учествуваа во заедничкиот работен ручек со германската канцеларка.

Меркел рече дека се разговарало и за важни инфраструктурни проекти и климатски промени, дека дискусијата била конструктивна и дека ќе се продолжи на билатералните средби со лидерите на регионот.

Пред заедничкиот состанок на лидерите од регионот, беше направена групна фотографија со канцеларката Меркел која стоеше во средината опкружена со учесниците од регионот.

Пред да замине од Тирана, Меркел ќе има одделни разговори со премиерите на БиХ, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.

Ангела Меркел вчера во Белград разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а пред денешниот работен ручек посебно се сретна со албанскиот премиер Рама.

Слични содржини