Република Северна Македонија вчера и денес го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание и одбележува 80 години од овој настан со кој во 1941 година беше означен почетокот на народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Според програмата, на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ се обратија премиерот Зоран Заев, кој повика да се надминат поделбите и на обединување со што ќе се исполни аманетот на предците од Илинденското Востание преку АСНОМ до референдумот за независност. Празничната програма заврши со традиционалниот импровизиран напад на градот како реминисценција на настаните од 11 октомври 1941 година.
Свеченостите по повод 11 Октомври – Денот на народното востание и во чест на 80 годишнината од овој настан, продолжуваат утре исто така во Прилеп, во 09:00 часот, кога делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство, ќе положат венци свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.
На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп Круме Соколоски.
Во Скопје, чествувањето на празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и на јубилејот 80 години од овој настан ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 09:30 часот.
На свеченостите во Скопје свои обраќања ќе имаат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.
Во градот херој Куманово, пред спомен костурницата во градот, венци свежо цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.