Пејачот Ламбе Алабаковски доби 8-дневен притвор за палењето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. Вака одлучил судија на претходна постапка, по барање на Основното јавно обвинителство Битола.
Претходно од Обвинителството соопштија бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на фактот што тој има двојно државјанство на Р.С. Македонија и на САД каде живеел до неодамна, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
Алабаковски е обвинет за „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 1 од Кривичниот законик. Тој на 4 јуни, во раните утрински часови, со пожар предизвикал значителна опасност по имотот од големи размери. Тој истурил бензин врз влезната врата од Културниот центар, ставил фитил на прагот и го запалил.
Бугарскиот клуб беше запален дента кога се одржуваа дводневни разговори меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија за решавање на отворените билатерални прашања, во обид за кревање на ветото.
Веднаш откако се дозна дека подметнат пожарот, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска од Скопје замина за Битола, каде се појави пред бугарскиот клуб.