Пратениците Јанушев и Снопче го набљудуваа вториот круг од изборите во Република Туркије

од desk4
243 прегледи

Пратениците Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и Халил Снопче, член на Делегацијата, учествуваат во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на вториот круг на претседателските избори во Република Туркије, што се одржаа на 28 мај 2023 година.

Меѓународната мисија за набљудување  на претседателските избори во Туркије ја сочинуваат 28 долгорочни набљудувачи на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и околу 170 краткорочни набљудувачи од ПС на ОБСЕ, ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Пратениците членови на ПС на ОБСЕ го набљудуваат вториот круг на изборите во Анкара, Истанбул и Измир, а Јанушев и Снопче се распоредени за набљудување во Истанбул, во општината Ќаитхане.

Пред денот на изборите, набљудувачите учествуваа на брифинзи со експертите од Долгорочната мисија на ОБСЕ/ОДИХР, со претставници на граѓанското општество, медиумите и аналитичари, како и со претставници на кандидатите за претседател – пратеникот Рамазан Џан од Партијата за правда и развој (АКП), претставник на претседателскиот кандидат Реџеп Тајип Ердоган и пратеникот Текин Бингол од Републиканската народна партија (ЏХП), претставник на претседателскиот кандидат Кемал Киличдароглу.

Набљудувачите треба да проценат дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, а прелиминарните заклучоци ќе бидат соопштени на прес-конференција на 29 мај 2023 година, која ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Слични содржини