Патот на Северна Македонија кон независноста не беше само борба за политичка автономија, тој беше доказ за трајната моќ на единството, вели европратеникот од ДПС/„Обнови ја Европа” Илхан Ќучук, кој е постојан известувач на ЕП за напредокот на Северна Македонија, со видео порака по повод 8 Септември – Денот на независноста на Северна Македонија.
-Докажавте дека вашата сила лежи во вашата способност да се здружите, да ги надминете разликите за да изградите обединета земја. Денот на независноста служи како потсетник дека вашиот напредок како нација е континуирано патување. Постигнавте многу, но има уште работа. Изградете општество кое напредува на различностите, ја прифаќа инклузијата и ги поддржува принципите на правда и еднаквост за сите”, вели Ќучук.
Според неговите зборови, фактот дека основата на надворешната политика на Северна Македонија е воспоставувањето добри односи со сојузите кои го зачувале мирот, како што се ЕУ и НАТО, ја докажува посветеноста на земјата за меѓународна соработка.
Ќучук го охрабрува македонскиот народ да се гордее со своите достигнувања и потсети дека посветеноста на градењето заедничка иднина во ЕУ, каде што соништата на следните генерации ќе можат да процветаат без ограничувања, е основата на сите напори за соработка и добрососедски односи.