Дополнителен број војници на КФОР од Романија пристигнаа на Косово, јавува „Репортери“.
Порталот објави видео на кое се гледа како романските војници на КФОР влегуваат на Косово од Северна Македонија.
Министерството за национална одбрана на Романија претходно најави дека во наредниот период ќе испрати дополнителни 200 војници во пешадиската чета во мисијата на НАТО на Косово.
Во петокот КФОР беше засилен со 200 британски војници.
Велика Британија одлучи да испрати дополнителни војници во својот контингент на Косово, кој веќе брои 400 Британци, на барање на врховниот командант на сојузничките сили за Европа, американскиот генерал Крис Каволи.
Одлуката за зајакнување на КФОР беше донесена по настаните во Бањска, на северот на покраината, на 24 септември, кога во конфликтот загинаа тројца Срби и еден припадник на косовската полиција.