Европскиот парламент (ЕП) официјално усвои Резолуција со која се осудува вооружениот конфликт во Бањска, но и се повикува Белград да соработува со Косово. Се бара екстрадиција на Милан Радоичиќ, но и санкции за Владата на Србија доколку се утврди дека е вмешана во „терористичкиот напад во Бањска“.
Пратениците во Европскиот парламент ја усвоија Резолуцијата за вооружениот конфликт во Бањска, која ја иницираа пет пратенички групи во ЕП.
Пратениците на пленарна седница изгласаа да стапи на сила Предлогот на Резолуцијата, но засега не се знае колку пратеници на ЕП гласале за овој предлог.
ЕП бара Србија да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за нападот кои се наоѓаат во Србија.
Ова пред се се однесува на Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, кој ја презеде одговорноста за вооружениот напад.
Европратениците бараат Србија да го екстрадира Радоичиќ на Косово. Меѓу другото, во резолуцијата беа предложени мерки кои треба да бидат усвоени против Србија доколку таа не одговори на барањата на ЕУ.
Предлогот е да се преземат мерки против владата на Србија доколку истрагите откријат дека државата Србија била директно вмешана во терористичкиот напад во Бањска или во насилните напади кои се случија на северот на Косово во мај 2023 година.
Предвидени се и санкции доколку „српските власти не се подготвени целосно да соработуваат“.