Првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров на прес-конференција на Самитот на ОБСЕ во Скопје, изјави дека лидерите на Западот ги игнорираат основните принципи на организацијата.
– За Украина немаше реакции од Западот при спроведувањето на нејзината воена операција против Русите во Донбас од 2014 година, ниту санкции од Западот додека Украина не го признаваше Крим и Донбас. Лидерите на Западот ги игнорираат основните принципи на организацијата ОБСЕ. Македонскиот претседавач Бујар Османи промовираше многу добар слоган, „Се работи за народот“, но вчера за време на работниот ручек им кажав на колегите, верувам дека се работи за луѓето, но на сите луѓе од земјите од ОБСЕ. Тие се загрижени само за луѓето за кои имаат интерес. Да бидам искрен, јас сум свесен од резултатот на оваа мала борба, самитот е за одредена група на луѓе, не за сите граѓани – рече Лавров на прес конференцијата.
Лавров смета дека има целосен пад на се што е креирано од ОБСЕ и оти има деградација на сите димензии на Организацијата – безбедносни, дипломатски, економски и цивилни,
Според Лавров, европските колеги не извлекле никаква поука и дека над 90 проценти од сите говори на пленарната сесија биле потврда на тоа.
– Гледам како се прават напори за продолжување на ваквата агонија. Што ќе се добие со продолжување од неколку месеци, шест месеци или година, рече Лавров на пресконференцијата.
Според Лавров, негов впечаток е дека нема шанса за спас на ОБСЕ.
– Организацијата се претвори во нешто, кон што сум индиферентен. Индиферентен сум за исходот од денешната сесија, изјави Лавров.