Колку Европа и Балканот се спремни за „кам-бекот“ на Трамп: „Граѓаните треба да стравуваат, Путин нема да се смири“

од Nikola Popovski
682 прегледи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, по се изгледа, е на пат уште еднаш да ја добие номинацијата на неговата партија, а потоа повторно да се натпреварува со демократот Џозеф Бајден на претседателските избори во САД во ноември. Откако многу од неговите противници се повлекоа од трката со текот на времето, на Трамп му преостанува само уште еден „камен на сопнување“ до претседателските избори – поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, која засега има цврст став да оди до крај. На митинг во Лаконија, Њу Хемпшир, Трамп рече дека за Хејли треба да гласаат оние кои „сакаат кандидат кој е губитник и за кого Америка е на последно место“, додека „глобалистите и радикалната левица ги убедуваат либералите да гласаат за Хејли на внатрепартиски избори затоа што сакаат таа да им биде противкандидат бидејќи е толку лесно да се победи“.

И додека, американските граѓани со нетрпение ги чекаат претстојните претседателски избори, по неколкуте години неизвесност поради пандемијата, енергетската и економската криза, се чини и дека светската јавност со особено вниманието е насочена кон овие избори. Во Европа, се погласно се зборува, оти стариот континент ќе мора да се подготви за можното повторно враќање на Трамп.

Што би значело за Европа и Балканот евентуалниот „кам-бек“ на Трамп?

Потенцијалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа е најлошото сценарио за поголемиот дел ЕУ и за многу луѓе во европските институции. Вториот мандат на Трамп како претседател би можел да има дестабилизирачки ефект од двете страни на Атлантскиот Океан и да го зајакне десничарскиот моментум забележан на европските избори во последната година и половина, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот за безбедносна политика и дел од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, Пецо Трајкоски. 

Според неговите зборови, економијата и безбедноста ќе бидат двете главни прашања што треба да се разгледаат во случај на победа на Трамп во ноември.

Пецо Трајкоски

-Во неговиот прв мандат, републиканскиот претседател беше непредвидлив. Поради сите изјави на Трамп по неговата загуба на претходните избори и сегашната кампања, европските граѓани треба да се плашат од втор избор на Трамп, истакнува Трајкоски, додавајќи дека со оглед на тоа што сега се водат две војни, враќањето на бизнисменот на старата функција ќе ја влоши реалноста со која се соочуваат европските економии и ќе фрли прилично мрачна перспектива на нивната еволуција во следните неколку години. Потоа, тука е безбедносното прашање. Трамп во минатото веќе се закани дека ќе ги повлече САД од НАТО, потег што целосно ќе го дестабилизира европскиот континент. Дури и ако претпоставиме дека таквиот развој изгледа нереален, неговиот втор мандат како претседател би можел да види уште порадикализиран Трамп за прашања поврзани со надворешната политика и одбраната, што ќе доведе до ирационални избори, оценува аналитичарот.

Повлекувањето на американската поддршка за Украина, нешто што републиканскиот кандидат веќе го повтори во многу наврати, смета тој, ќе ги доведе во опасност земјите од Источна, па дури и Централна Европа, бидејќи Русија би можела да се обиде да изврши дополнителен притисок врз регионот, малку повеќе спротивно на сегашниот пристап на американската влада. Како тоа би се одиграло на терен и би влијаело на сегашната динамика на Балканот може само да е предмет на шпекулација.

Трајкоски верува дека доаѓањето на Трамп на позицијата во САД нема да придонесе кон смирувањето на рускиот претседател Владимир Путин.

-Ако Трамп победи повторно, и пријателите но и непријателите на САД ќе прифатат дека периодот на американско водство по Втората светска војна дефинитивно завршил. Ефектот ќе варира од земја до земја. Некои сојузници можат да се приклонат во одредени сфери кон Кина и Русија што без оглед на исходот во Украина, ќе го фаворизира Путин и Русија. Било каква победа на Русија во Украина ќе значи зајакнување на Путин иако не гледам дека Русија ќе биде во состојба воено да тргне кон друга земја со оглед на големите загуби кои ги трпи во Украина, па и како победник или некој што добил повеќе отколку што изгубил во оваа војна, анализира соговорникот.

Во веројатно досега најдраматично предвидување за европскиот континент, сегашниот американски претседател Џо Бајден посочи дека евентуална победа на Русија во Украина ќе има последици и за балканските земји и за поширокиот регион, во кој се спомнува и Македонија. Според Трајкоски, ставот на Трамп за руската војна во Украина сугерира дека тој можеби очекува дека официјален Киев можеби ќе треба да направи компромис за територијалните барања на Русија.

-Но тоа е сосема различна ситуација од таа со Балканот, или конкретно Македонија, фантазија е да се размилсува така бидејки Македонија сепак е членка на НАТО и далеку од границата со Русија. Повеќе се мисли на зајакнување на руското влијание на Балканот и Македонија, кое веќе е тука и е силно. Според тоа, во зборовите на Бајден не гледам ништо конкретно. Можеби најсилно ќе биде влијанието на односот на силите помеѓу Косово и Србија со оглед на руската позиција и активности во поглед на ова прашање, но тоа не е ништо ново, заклучува аналитичарот за безбедносна политика.

Евентуалното враќање на поранешниот американски претседател во Белата куќа почнува да предизвикува паника во Брисел. Белгискиот премиер Александре де Кроа предупреди дека Европа мора да биде подготвена да остане сама доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа. Белгиецот е клучна фигура во европската политика оваа година бидејќи неговата земја претседава со Советот на ЕУ во следните шест месеци, давајќи им предност на белгиските дипломати да ја поставуваат агендата на клучните состаноци во Брисел.

Пораката на белгискиот премиер е всушност „рециклажа“ на говорот на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел од 2017 година по првата изборна победа на Трамп, кога таа предупреди дека Европа не може да се потпира само на своите сојузници. Од друга страна, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ќе соработува со кој и да победи на изборите во САД, еден ден откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи во Ајова на прелиминарните избори во 2024 година.

Н.П.

Слични содржини