Претседателот Стево Пендаровски денеска престојува во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде ќе учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа.
Претседателот Пендаровски ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот, а предвидено е да оствари и билатерална средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
На Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а ко-домаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, своето учество го потврдија претседателите на Република Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Република Косово и на Република Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Се очекува Зеленски да има повеќе билатерални средби во Тирана, меѓу кои и со Рама и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
По самитот на Украина и Југоисточна Европа, на кој ќе учествуваат и претставници на балканската шесторка, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион.
Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.