ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за лошата состојба во Град Скопје – екс-миленичката Арсовска ги обвинува самите советници, обвинуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
68 прегледи

СДСМ го критикува ВМРО-ДПМНЕ поради состојбата со јавните претпријатија кои се под капата на Градот Скопје и односот на градоначалничката Данела Арсовска. Опозициската партија ги наведува проблемите како „небезбедни автобуси, ЈСП во колапс, скопјани се гушат од запалени депониии кои ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе ги исчисти и јавните претпријатија не функционираат“, кои се клучни за лошата состојба.

Од партијата на Венко Филипче обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ „не го засега, ниту малку ужасната состојба во градот“.

-Нивната екс-миленичка Данела Арсовска ги обвинува дека самите советници на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат работата на јавните претпријатија исто како и набавката на нови автобуси за градот.

Нема поголем доказ дека користољубието и партискиот интерес на ДПМНЕ се пред се и над се и дека воопшто не им се важни граѓаните, порачаа од „Бихаќка“.

Од Град Скопје обвинуваат дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ, иако имаат мнозинство, сепак повеќе од две години не гласаат за нови автобуси.

„За Седницата на Совет на 16 јули 2024 година, по 21 пат е доставена предлог одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје.

Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотрајани еко автобуси и подобар превоз“, велат од градската администрација.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески го оценува како „лудило“ вчерашното соопштение на Градот Скопје и нивното барање за набавка на нови еко-автобуси.

„Очигледно уште еднаш треба да се цитира дефиницијата за лудило што му се припишува на големиот Ајнштајн: Тоа е кога одново и одново правите една иста работа, а очекувате различен резултат“, истакнува Славески на социјалната мрежа „Х“.

Славески замерува што градската администрација ги обвинува советниците од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за негласање на предлог-Одлуката за нови автобуси, без да наведат, како што вели претседавачот, дека во континуитет од 45 советници овој предлог до сега не обезбедил поддршка од повеќе од 6-7 членови на Советот.

Низа реакции во јавноста, но и кај вработените во ЈСП Скопје, предизвика автобусот со број 2 кој заврши врз жардиниерите кај ТЦ „Мавровка“, а повредени беа возачот и еден патник. Синдикалците тврдат дека автобусот подолго време имал дефект. Возачите пријавувале, но никој не го поправал. Истиот автобус, иако бил расипан, возел и по кривулестиот пат до Водно. На прес-конференцијата се појави и новиот директор на ЈСП кој е на функција една недела и рече се работи по пропис.

Слични содржини