Аргентинецот Маурисио Покетино го започна својот мандат како селектор на репрезентацијата на Соединетите Американски Држави со победата од 2:0 над Панама во пријателскиот натпревар во Остин. Поранешниот тренер на Тотенхем, Пари Сен Жермен и Челси минатиот месец беше ангажиран да ги преземе САД и тимот кој победи само на еден од последните седум натпревари.
Тој ќе ги предводи Соединетите Американски Држави до Светското првенство во 2026 година, чиј домаќин е заедно со Канада и Мексико. Против Панамците, неговите играчи победија со головите на играчот од средниот ред на Милан, Јунус Мусах (49. минута) и напаѓачот на ПСВ Ајндховен, Рикардо Пепи, кој постигна гол во четвртата минута од судиското надополнување.
„Чувството е многу добро. Тоа беше многу, многу тежок натпревар за нас. Градиме нешто малку по малку. Целта е 2026 година, но мислам дека сме среќни бидејќи бевме солидни и имавме многу професионален настап и бевме конкурентни, но тоа е само првиот чекор за подобрување“, изјави 52-годишниот Покетино по натпреварот.
Неговата репрезентација во вторник ја чека потежок тест на гостински терен, кога во Гвадалахара ќе ги одмери силите со Мексико. „Ел Три“ неодамна го сменија и тренерскиот штаб со враќањето на Хавиер Агире по трет мандат како тренер.