Викендот на гордоста Скопје 2025 кој ќе се одржува по тринаесети пат оваа година не добил поддршка од Министерството за култура. Вака се пожалија од организаторите на настанот кој речиси секоја година се одржува во месец јуни.
Според „Skopje Pride Weekend“, фактот што, како што велат, нашиот фестивал ужива голема меѓународна препознаеност, што успеа низ годините да изгради своја, постојано растечка публика, и во континуитет да претставува врвни светски, локални, и регионални уметници од областа на перформанс уметноста, современиот танц, и визуелните уметности, како и да креира културен простор за квир заедницата и жените, „очигледно за хомофобичните, трансфобичните и мизогини структури на власт и во Министерството не значат ништо“.
Наведуваат дека тимот на Фестивалот во овие исклучителни кризни времиња ќе ги вложи сите напори, во име на пркосот и истрајноста, да претстави барем дел од договорената и предвидена програма.
Под мотото „Спектакуларно непослушни”, лани во Скопје се одржа петтата по ред Парада на гордоста. Активистите и поддржувачите на правата на ЛГБТИ+ лицата, маршираа низ главниот град, давајќи поддршка, но и барајќи еднаквост и почитување на оваа заедница.
Министерот за култура, Зоран Љутков вчера на прес-конференција информира дека од пристигнати 2888 пријави на конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес, комисиите при Министерството за култура и туризам поддржале 1365 апликации. Според него приоритет годинава во финансирањето имаат националните установи, каде по спроведениот увид на терен, е констатирано дека се целосно девастирани. За 18 национални установи е доделен делегиран буџет, кој им дава автономност, но и одговорност на директорите при одлучувањето за што ќе потрошат повеќе пари.