Шеста „Парада на гордоста“: Се враќаме на улиците во Скопје за да потсетиме зошто сме тука

од Nikola Popovski
93 прегледи

Организаторите на манифестацијата „Скопје Прајд“ информираа дека по шести пат се враќаат на улиците во Скопје, за да потсетат зошто се тука. Овогодинешната „Парада на гордоста“ ќе се одржи на 21 јуни, а местото на поаѓање повторно ќе биде паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.

„Додека светот гори од војни и климатски колапс, а државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност, ние – ЛГБТИК+ луѓето – одбиваме да соучествуваме во тоа.

Гласно се спротивставуваме, ги осудуваме и се одрекуваме од: демографската хистерија на власта, укинувањето на ЛГБТИК+ инклузивноста во образованието и недостатокот на институционална грижа што ги остави квир младите без заштита, оркестрираните напади врз нашите транс другар(к)и што шират морална паника, страв и омраза, одбивањето на Владата да го поддржи самоопределување на палестинскиот народ, држава каде што храната е луксуз, а достоинствена плата невозможна утопија, системската корупција, неказнивост и непостапување што одзеде 62 животи во Кочани“, велат од „Скопје прајд“.

Оттаму додаваат дека не сакаат, како што истакнуваат, асимилациска инклузија во нормите на расистичкиот, патријархален, колинијалистички и екоциден капитализам претставен како единствениот можен свет, каде грижата ни се претвори во луксуз, здравјето во привилегија, а слободата во маркетинг-стратегија.

-Инсистираме на нивно отфрлање! На фашизоидните фантазии кои сакаат тишина, одговараме со бучава. Смрт за фашизмот, слобода за нас, народот!  На 21-ви јуни, ја повикуваме пошироката заедница, пријателите, биолошките и избраните семејства, колегите и соборците/ките да излезат на скопските улици во борба за колективна слобода, стои во пораката.

Викендот на гордоста „Скопје 2025“ кој ќе се одржува по тринаесети пат оваа година не добил поддршка од Министерството за култура. Вака се пожалија од организаторите на настанот кој речиси секоја година се одржува во месец јуни.

Слични содржини