Еднострано раскинати три концесии за експлоатација на минерални суровини

од Vladimir Zorba
7 прегледи

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник.

Како што информира МЕРМС, од формирањето на ресорното министерство до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии. Причините се: непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.

Во моментов, како што се наведува, во тек се и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.

МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој во следниот период ќе биде јавно објавен на веб-страната на министерството поради поголема транспарентност

– Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, истакнала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

МЕРМС соопшти дека спроведуваат редовни и вонредни теренски проверки за усогласеност со законските обврски, а испратени се предупредувања до концесионерите, а едностран раскин на договори се применува кон оние кои не ги почитуваат законите.

– Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на обезбедување економски придобивки од експлоатацијата на минералните суровини и одржлив развој кој ги поддржува локалните заедници, стои во соопштението.

Слични содржини