Европскиот суд за човекови права во Стразбур прифати да расправа за случајот со дивата депонија во Струга, еден од најголемите еколошки проблеми во државата, со сериозни ризици по здравјето на стружани и стружанки. Стразбур праќа порака: срамота е што стружани мораа да бараат правда во странство откако дома ги оставија да дишат отров. Ова е директна последица на молкот и неодговорноста на македонските институции, кои со години го игнорираат проблемот, соопштија од ДОМ.
„Зелената партија ДОМ ја поддржува борбата на граѓанските активисти и активистки и оценува дека овој случај е уште еден силен доказ дека системот повторно падна на испитот на правдата и на заштитата на јавниот интерес. Наместо да го заштитат уставното право на здрава животна средина, институциите си ги амнестираа своите обврски: судовите се прогласија за ненадлежни, Министерството за животна средина ги игнорираше алармите на експертите, а Општина Струга и ЈП „Комунално–Струга” продолжија да ја одржуваат „еколошката бомба” која веќе две децении труе илјадници луѓе, го загрозува биодиверзитетот на Охридското Езеро и ја уништува довербата во државата како заштитник на своите граѓани и граѓанки.
ДОМ бара итен и конкретен одговор: веднаш да се запре функционирањето на депонијата, да се отстрани токсичниот отпад и да се воспостави стриктен систем за рециклирање и управување со отпад. Секој ден на институционална пасивност е продолжување на кршењето на човековите права и гарантирана еколошка и здравствена катастрофа.
За зелената партија ДОМ, оваа постапка во Стразбур е последно предупредување дека крајно време е државата да сфати дека екологијата не е периферна или декоративна тема, туку прашање на правда, здравје и достоинство.
Зелената партија ДОМ останува гласот на граѓаните. Македонија не смее да биде земја во која луѓето бараат правда во Стразбур, затоа што пред судовите се наидува на ѕид од молк. Ќе продолжиме гласно и упорно да се бориме за чиста животна средина, почитување на правдата и вистинска заштита на јавниот интерес.
Воедно, во пресрет на локалните избори, струшката депонија е главен тест за сите кандидат(к)и за градоначалници и членови на совет: продолжување на негрижата или вистинска промена. Како дел од „Коалицијата за зелена иднина”, Зелената партија ДОМ смета дека локалната власт не смее да биде извор на нови проблеми, туку гарант за чист воздух, чиста вода и здрави услови за живот. Граѓаните на Струга и на цела Македонија заслужуваат општини кои ќе ја стават екологијата и јавниот интерес во прв план, наместо да ги жртвуваат за политички калкулации и партиски привилегии“, истакнаа оттаму.