Фатен 18-годишниот возач кој усмрти жена во Капиштец и избега од државата

Обвинителството откри дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: МВР

Фатен е 18-годишниот Саит Саитов кој возејќи без возачка дозвола на 9-ти јануари удри и усмрти жена во скопски Капиштец. Според адвокатот Звонко Давидовиќ, кој ја објави информацијата, Саитов бил фатен во соседна Србија.

„Лицето ќе биде екстрадирано од Србија во Македонија. Најверојатно е приведен и неговиот татко”, изјавил Давидовиќ во поткастот „Претрес со Ландов“ кој е бранител на роднините кои ги пренеле таткото и синот преку граница.

„Им верувам на моите клиенти дека не знаеле дека превезуваат сторител на такво тешко кривично дело. Мажот работи во Дирекција за заштита и спасување и е родител на дете со посебни потреби и за набавка на суплементи често патувал во Србија”, додал адвокатот.

Според истрагата, осомничениот возел „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената жена, возачот веднаш избегал од местото. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна починала од тешките повреди.

Обвинителството открива дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава, а јавниот обвинител до судија на претходна постапка веќе достави предлог за нивно притворање.

Во меѓувреме, се огласија и од Министерството за внатрешни работи од каде што излегоа со официјално соопштение.

„На 11.02.2026 од страна на надлежните служби во Србија известени сме дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.02.2026.

На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање“, наведуваат од полицијата.