Муцунски: Со Договорот со САД ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до нула проценти реципрочна тарифа

-За дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула, истакна шефот на македонската дипломатија

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави, кој има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании“ – вака се обрати министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски доцна синоќа во видеото по повод постигнатиот рамковен Договор меѓу САД и Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија.

Како што додаде, усогласена е заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании.

Муцунски смета дека овој договор ќе има големо значење за македонската економија од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании. Министерот додава дека САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 проценти за производите со потекло од нашата држава, но она што според него е суштината на овој успех, е тоа што ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до нула проценти реципрочна тарифа.

-За дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула. Нашата цел е јасна – повеќе извоз, повеќе инвестиции и подобро платени работи дома. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон, напиша Муцунски на својот фејсбук профил.

Договорот со САД вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајѓи оти шеесет и три-шееесет и четири производи, кои за земјава се стратешки, во САД ќе бидат извезувани со едноцифрена тарифа од нула до шест и пол проценти.

„Очекувам некаде околу 63, 64 производи, кои за нас се стратешки, да бидат со повластена тарифа, која ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5 проценти“ – изјави Мицкоски.

Ова следува по преговорите меѓу властите во Скопје и Вашингтон, откако САД лани воведоа 33 отсто царини за увозот од Македонија.