Припадници на српското Министерство за внатрешни работи во белградска населба Вождовац го уапсиле македонскиот државјанин С.Г. (46) под сомнение за предизвикување општа опасност и загрозување на безбедноста на неговите поранешни работодавци.
Според информациите, на 10-ти февруари се случил пожар во ресторан во Вождовац, а мотивот за овој бесмислен чин бил револтот на осомничениот поради неговото неодамнешно отпуштање. Според неофицијални информации на српските медиуми, С.Г. дошол во пицеријата каде што работел со шише полно со бензин. Ја истурил течноста врз внатрешноста на објектот и запалил пожар, сакајќи да им се одмазди на сопствениците за прекинот на работниот однос.
Она што особено ги шокирало истражителите било однесувањето на осомничениот веднаш по палењето. Наместо да избега од местото на злосторството, македонскиот државјанин со својот мобилен телефон го снимил пожарот. Тие снимки, заедно со пораки, ги испратил директно до сопствениците на објектите, велејќи им: „Гледајте како гори“. Овој потег полицијата го оквалификувала како кривично дело загрозување на безбедноста.
Како што пишуваат српските медиуми, само со чиста среќа и брза реакција на вработените била избегната трагедија од поголеми размери.
Осомничениот С. Г. бил приведен до 48 часа по наредба на тамошното надлежното обвинителство, по што ќе биде изведен на сослушување со кривична пријава.