Со срцепарателната приказна за авионот, Мицкоски ја расплака пола Македонија, велат од „Бихаќка“

СДСМ: „Овие жалопојки тешко се слушаат - морало кај Орбан, читај Груевски, морало кај сестринската партија по „copy-paste“ инструкции за кампања“

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук

Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок за одржување. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека ќе се повлечат од набавката. Веднаш стигна реакција од СДСМ од каде велат дека „многу тажната приказна на премиерот ја доведе до солзи половина Македонија“.

„Авион морало да се купи за да служи во хуманитарни цели. Очигледно за него лично патувањето на море со авион е „хумано“? Би било хумано да се зголемат платите на работниците на 600 евра. Затоа што луѓето едвај врзвуваат крај со крај, не можат да ги платат сметките и да обезбедат храната за своите семејства.

А ако се плаши да лета со владиниот авион, како што вели, постојат и комерцијални летови. Е сега не мора со бизнис класа како што е навикнат и со карти од 4.000 евра, може да патува и со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа“, порачуваат од СДСМ.

Oд опозицискара партија соопштија дека „кога Мицкоски призна дека го водел семејството на море на трошок на граѓаните, нека каже и кај кого беше на Јадранско море“.

„Овие жалопојки на Мицкоски тешко се слушаат. Морало кај Орбан, читај Груевски, морало кај сестринската партија по copy-paste инструкции за кампања. Дури толку ги применува инструкциите што почна да вметнува латински изрази како Вучиќ во своите изјави. Човек не знае дали го слуша Вучиќ или Мицкоски.

Шкодата не му одговара, да, знаеме – подобар е мерцедес. Сигурни сме дека Груевски може и модел да му каже кој е најдобар. Срцепарателните приказни го понесоа дотаму што кажа дека ако загине, СДСМ ќе биде виновен“, велат, меѓу другото“, од „Бихаќка“.

Мицкоски информира и дека досега, владиниот авион го има користено четири пати, за службени патувања во Будимпешта, Белград и Сплит, каде на работната вечера со хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ долетал со комерцијален лет, а по тридневниот престој, се вратил со владиниот авион. Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека на летување бил со авионот.

„Гледам од опозицијата се создава оваа тема, иако на лидерски средби со претседателот на СДСМ разговаравме и тој рече дека за ова не треба да се критикува Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а возухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но гледам дека не си стојат на зборот, и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок“, изјави премиерот.