Претседателот на Србија најави дека парламентарните избори би можеле да се одржат во неколку можни термини, но секако до крајот на годината.
„Може да биде до 10 јули, потоа сигурно нема да има во втората половина на јули и август, а потоа може да биде од септември до крајот на годината“, изјави Вучиќ. Додавајќи дека конечната одлука ќе ја донесе надлежната институција, во согласност со интересите на граѓаните. Вучиќ нагласи дека одлуката за терминот на изборите ќе зависи и од меѓународните околности и безбедносните предизвици. Посебно предупреди на можни проблеми во Ормускиот теснец, истакнувајќи дека Србија мора да реагира одговорно за да ја зачува стабилноста.
Говорејќи за политичката ситуација, Вучиќ оцени дека власта во моментов има предност, но дека се можни промени. „Би биле поблиску до победа отколку тие, но никогаш не знаете што може да се случи за еден или шест месеци“, рече тој.
Осврнувајќи се на односите со Унгарија, Вучиќ истакна дека тие денес се на највисоко ниво во историјата, и покрај поранешните тензии меѓу двата народа. Нагласи дека, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан и други актери, изградиле блиски врски. „Дојдовме до вистинско и искрено разбирање и верувам дека тоа не е лесно да се урне“, порача Вучиќ.
Говорејќи за европскиот пат на Србија, Вучиќ истакна дека државата мора да го заврши својот дел од работата. „Наше е да ја завршиме нашата работа“, изјави, додавајќи дека целта пред сè е подобар живот за граѓаните.
Претседателот на Србија изнесе и амбициозни планови во областа на технологијата и инвестициите, најавувајќи почеток на производство на хуманоидни роботи веќе во јуни.
„Овде им ветувам на граѓаните на Србија дека ќе дадеме сè од себе во јуни да започнеме со производство на роботи и тоа ќе биде голема вест. Ќе бидеме една од две или најмногу три земји во Европа што ќе произведуваат човеколики роботи и некои други роботи. Значи, верувам дека тоа ќе започне веќе во јуни, производството на територијата на Србија“, наведе Вучиќ.
Додаде дека го очекува и важна посета на Кина, со надеж за нови инвестиции. „На крајот, сè започнува и завршува со економијата и подобар живот на луѓето. Луѓето на крајот само тоа го ценат и очекуваат да живеат подобро. Понекогаш и не сакаат да ја разберат тежината на проблемите на глобално ниво, но очекуваат резултати, а наше е да ги обезбедиме“, рече тој.
Тој изрази уверување дека Србија во наредниот период ќе привлече повеќе инвестиции отколку порано и ќе обезбеди стабилност и сигурност за граѓаните.