Над 60 македонски уметници дел од големиот интернационален фестивал во Тирана

Македонија со национален павилјон на „Мјуз-екс експо фестивал“ во Албанија

од Nikola Popovski
12 прегледи

Македонската култура ќе биде претставена во полн сјај на еден од најголемите културни настани во регионот – „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој ќе се одржи од 17 до 19 април во Тирана, Албанија. Фестивалот, кој има изразен интернационален карактер, ќе обедини уметници, продуценти и културни организации од Европа, регионот и пошироко, со што ќе се создаде силна глобална платформа за културна размена и соработка.

Со сопствен македонски павилјон, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, нашата држава ќе се претстави со повеќе од 60 уметници, продуценти, фестивали, филмски автори, занаетчии и претставници на креативните индустрии.

Ова значајно присуство претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворање нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво. Учеството се реализира со силна поддршка од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, со што дополнително се нагласува институционалната важност на настанот.

Свечено отворање со ексклузивен сценско-визуелен перформанс

На свеченото отворање на 17 април ќе биде изведен 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар Профундис, во соработка со оркестарот на РТШ.

Овој уникатен проект ќе понуди современ аудиовизуелен концепт кој ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот и со што македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.

Македонски павилјон со богата програма

Во рамките на саемскиот дел ќе се претстават истакнати македонски културни и креативни организации, меѓу кои: Авалон продукција, Пасворд продукција, Фестивалот на филмска камера Браќа Манаки, Вардар Филм, „Скопје Вајнил конвеншн“, како и повеќе компании и организации од културниот сектор. Учесниците ќе имаат свои инфо-дескови, но и можност за директни средби со меѓународни партнери.

Посебно внимание ќе привлече „Артизан вилиџ“ (“Artisan Village”), каде ќе се претстави македонското традиционално занаетчиство, вклучувајќи охридски бисери, филигран, рачно ткаени килими, везови и современи уметнички инсталации.

Поради значајното учество и придонес во промоцијата на културата, организаторите на „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”) ќе доделат специјално признание на Македонскиот културен центар во Тирана и на Министерството за култура и туризам на Северна Македонија. Наградата ќе биде врачена на свеченото отворање на 17 април, во присуство на Државниот секретар за култура Марија Ѓоргова.

– „Учеството со национален павилјон и толку бројна делегација е силна потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија. Нашата цел е преку програмата, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери да создадеме конкретни можности за нови соработки и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии,“ изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија.

„Особено сме горди што отворањето ќе биде одбележано со уникатен сценско-визуелен перформанс, кој на симболичен начин ја претставува современата македонска уметничка сцена. Интернационалниот карактер на фестивалот и експо делот создаваат одлична платформа за културна размена, а токму тоа е и нашата мисија – да ја претставиме Македонија како динамична, креативна и отворена културна средина,“ додаде Попивода.

Интернационален карактер и уникатна фестивалска сцена

„Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”) има изразен интернационален карактер и обединува уметници, диџеи, продуценти и креативни професионалци од повеќе земји од Европа и светот. Фестивалот се одржува на уникатна мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана, со повеќе тематски фестивалски вечери, електронска, поп и рок програма, како и паралелни сцени за настапи и презентации.

Покрај музичката програма, настанот вклучува конференции, панел дискусии, филмски проекции, експо презентации и професионални средби, што го позиционира како значајна меѓународна платформа за културна размена и соработка. Во ваков контекст, македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со истакнати имиња од светската сцена, пред публика и професионалци од целиот свет.

Овој настап претставува една од најголемите организирани презентации на македонската култура во регионот. Преку музика, филм, визуелни уметности, традиционални занаети и креативни индустрии, Македонија ќе ја покаже својата автентичност, креативност и современа културна продукција. Настанот отвора простор за нови партнерства, размена на идеи и засилено регионално присуство на македонските уметници.

Со ова, македонската култура добива значајна платформа за промоција пред меѓународна публика, потврдувајќи го својот потенцијал и улога во културниот дијалог на Балканот, но и пошироко во европски и глобален контекст.