Милорад Додик – Претседателот на Република Српска, суштински – ја даде единствената точна и објективна констатација за поразот на Виктор Орбан во Унгарија и негативните последици од таквиот гласачки избор на Унгарците, а тоа дека Европа (ЕУ) изгуби глас на разумот. За жал, еден од последните а сигурно најгласен рационален политичар среде лудилото на милитаризација на ЕУ и засилување на војната со Русија очигледно беше поразен во здружен потфат на остатоците од шарените соросоиди во Европа, кои се повампирија последниве години со своите налудничави агенди. Сега веќе никој не стои на патот за понатамошно заострување на крвавата војна меѓу Украина и Русија – наместо заложби за преговори и спречување на тотално и директно вмешување на ЕУ во војната преку зголемување на финансиската и воена помош за Зеленски. Тоа е најважната негативна последица од изборот на Унгарците. И тоа никому нема да му донесе добро освен на корумпираните политичари и скриените водачи на европските шарени. Војната ќе продолжи, уште стотици и стотици илјади луѓе ќе загинат, осоколените политичари и милитаристи ќе ја туркаат Украина кон тотална војна, економските последици ќе бидат се полоши за Европа и светот, а шарените јастреби на соросоидните револуции ќе добијат сила за нови „шарени револуции“. Лош ден беше завчера со таквиот избор, многу брзо ќе го почувствуваат тоа обичните Унгарци, најпрво преку зголемување на цените бидејќи ќе се укинат повластените цени за енергенсите од Русија кои токму Орбан со својата умерена и рационална државничка политика ги овозможуваше.
Во филмот „Ден на независноста“ на Роланд Емерих во една сцена е даден прецизен опис на шарените револуционери како предатори кои окупираат планета (држава) и откако ќе ги исцицаат сите ресурси преминуваат на друга. Така некако пластично може да се објаснат методите и целите на шарените кои и ние овде ги доживеавме пред десетина години. Иако се мислеше дека повеќе не постојат бидејќи мајдан беше нивниот злогласен симбол со кои народот ги идентификуваше (овде кај нас и преку „чарлиевите ангели“ од сјо, нели), последниве години како да се повампирија и тргнаа во понатамошни походи за соборување на демократски влади и секој изблик на суверенистички политики. За жал, им успеа во Унгарија, а следна цел каде што веќе се присутни повеќе од една година, а на која сега ќе можат да се фокусираат целосно е – Србија. Обилно финансирани и поддржувани од разузнавачки центри (а можеби и основани од нив), со силна медиумска логистика, преку празна и здодевна реторика за диктатури, човечки права и слично, наоѓаат на терен разни незадоволни и забегани со паметот структури кои ги има секогаш и секаде од едни или други причини, се поврзуваат со нив, преку канвас воена техника и методи дополнително ги идеологизираат, им го перат мозокот и ги милитаризираат и потоа упорно дејствуваат се до исполнување на нивната цел – игнорирање на волјата на народот, покорување на автентичните национални интереси итн. Иако досега релативно успешно се справуваше со нив, за жал се чини дека и легитимната и легална власт во Србија почна да ги прави истите грешки како што ги правеше овде Вмро-дпмне тогаш, а од кои најголема е попустливоста наместо полна сила на институциите на демократијата – попустливоста е знак за политичка слабост кон шарените со која истите дополнително се осоколуваат. Тоа е најважната лекција како да ги победиш шарените насилници, на шега кажано, само ќотек по Устав и закон.
Одамна е очигледно дека и овде талогот на „нашите“ шарени се обидува да се приклучи кон овој најнов поход на европските шарени низ Балканот, како единствен начин пак да ја зграпчат власта. Оттаму, завчера дојдоа нивните пет минути, барем да се порадуваат малку на поразот на Орбан и се окуражат затоа што и онака се според политичкиот рејтинг некаде на ниво на левите. Па така, политички отепаните од Сдсм се радуваат толку многу што чиниш тие победиле на избори, а не знаат дека уште многу, многу темни облаци ќе поминат над Струмичко муртино додека тие победат. Не е спорно дека со најновите кадровски засилувања како Еѓипќанецот Земон Сдсм доби нов полет посебно во насока на ре-инсталирање на шарената идеологија на граѓани и граѓанки како политичка програма за делување, како и дека пак ќе ги приберат добро познатите шарени – меѓутоа, само едно нешто не е јасно, барем на мене не ми е. Имено, забораваат на дијалектиката на политичкиот дискурс и воопшто животот, и изгледа дека не слушнале за Хераклит и неговиот фрагмент дека „двапати во иста река не може да се влезе“. Односно, дури и повеќе од случајот со Србија ние овде еднаш веќе ја поминавме таа шарена лага за демократија и слобода, ЕУ вредности, граѓани наместо македонски народ и сличните шарени лаги и будалаштини. Тогаш, во тоа време на попустливото Вмро-дпмне им успеа – додуше сега ги нема САД меѓу организаторите на европските шарени, што исто така им е хендикеп – но после тоа ние живееме со сменето име и без голем дел од историјата, во двојазчина држава – а тој живот кај многу нормални луѓе предизвикува само презир кон „идеалите“ на шарената револуција. Од каде ќе најдат пак гласачи надвор од групите од интерес кога прва помисла на секој макар и малку паметен човек кога ќе ги види е дека заради шарените станавме таква поразена држава и народ, останува енигма. Уште поважно – како ќе ја убедат ЕУ и структурите на моќ кои управуваат со шарените дека оваа власт на дпмне мицковистичко е против ЕУ?! Па, и врапчињата знаат дека режимот во мициленд е предводен од ликови кои, така да кажам, метафорично, наутро прво се крстат пред сликите на Брисел и Вашингтон па потоа појадуваат. Дпмне мицково е тотален политички слуга на ЕУ – па тие од мицково дпмне, сликовито кажано, заспиваат со молитва и палат свеќа секоја вечер за Урсула фон дер Лајен, која така милно се обраќа со „Драг Христијан“. Исто така, Руси овде нема, а Бугари во Устав (единственото нешто за кое реално е можна критика кон режимот во овој контекст) ќе стават додека да трепнеш со око ако така им кажат од Брисел и Вашингтон. Зошто европските шарени би менувале режим што е нивен и кои беспоговорно ги слуша? Не ја бива таа работа, другари и другарки од бихаќка, граѓани и граѓанки шарени Македонски. Се знае дека „гладна кокошка просо сонува“, ама сонот е само сон. Впрочем, народот го гледа и злобниот менталитет на шарените кои просто експлодираше по изјавата на тој некојси таму што победи во Унгарија дека ќе ги прекршува Уставот и законите заради политички интереси и цели на европските шарени. Толку многу злоба за толку кратко време одамна немало, а мошне сум убеден дека набрзо, после шарено-револуционерниот судир со режимот на дпмне мицковистичко ако воопшто се осмелат на тоа, со носталгија ќе се сеќаваат на демократското Вмро-дпмне пред десетина години. Патем кажано, после сите афери со незаконско работење и јавни изјави на луѓе кои директно биле вклучени во таканареченото сјо, се чини дека е време сите обвиненија а со тоа и пресуди кои потекнале од тоа такво сјо треба да бидат прогласени за правно ништовни.
Тој што ги дал печатот и клучот од сефот со парите на друг, во истиот момент повеќе не е никаков политички фактор. Како што веројатно набрзо ќе се уверат самите шарени овде, друг ги има, не тој што политички наивно ве остави насила да ја земете власта. А со тој другиот, ми се чини, многу лошо ќе поминете во вашата нова шарена револуција. Затоа ајде, почнете ја, граѓани и граѓанки шарени во мициленд со се ревитализирани шарени во Сдсм, едвај чекам да сеирџам.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот