Министерството за правда ќе ги бара сите списи за Груевски од обвинителствата и судовите

Од Министерството за правда за „Локално“ објаснуваат дека еднаш побараната екстрадиција за Груевски е се уште активна, иако претходно таа беше одбиена од Унгарија

од Vladimir Zorba
37 прегледи Фото: Министерство за правда

Министерството за правда утре ќе ги побара сите списи од надлежните судски органи и обвинителства за сите прредмети поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски.

На прашањето на „Локално“, дали има правни пречки да биде испорачан Груевски од Унгарија, како што најави новиот унгарски премиер Петер Маѓар, одосно дали повторно ќе треба да се бара екстрадиција, од Министерството објаснуваат дека еднаш побарана екстрадиција е се уште активна, без оглед што од Унгарија била одбиена. Објаснуваат дека може пак да се достави такво барање, но претходно треба да ги обезбедат сите документи.

-Министерството за правда континуирано го следи случајот и ги превзема сите мерки согласно закон да ги обезбеди потребните документи .Во текот на утрешниот ден ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи за сите предмети поврзани со лицето Никола Груевски. Откако од надлежните органи ќе ги добиеме потребните документи, Министерството за правда ќе постапи согласно позитивните законски прописи, изјавија од Министерството за правда за „Локално“.

Од Министерството за правда појаснуваат дека за поранешниот премиер досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година.

-Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница. Република Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 5 август 2019 година, со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, согласно нивното законодавство, кое не дозволува предавање на лице кое ужива таков статус на државата од која избегало, велат од МП.

Од Министерството не ги коментираат шпекулациите дека се подготвува помилување на Груевски, доколку тој се врати во земјава. Од Минстерството одговорија дека сега нема таква ситуација за да се коментира.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 21

Претходно денес премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема информации дали Груевски ќе биде испорачан, но доколку се случи да се врати во земјата, бидејќи има правосилна пресуда ќе мора да оди во затвор на отслужување на казната.

-Немам информации, но доколку Груевски се појави во Македонија тој има правосилна пресуда и веднаш оргните на редот ќе го приведат и ќе го упатат на затворска казна која е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која сите закони важат и мора да ги почитуваме. Секое лице има право да ги користи институциите да ги користи своите права да поднесува жалби. Ние како Влада имаме правосилна одлука и лицето се упатува на отслужување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати, јас немам информации, изјави Мицкоски.

Венко Филипче, претседател на СДСМ, ја повика власта да побара екстрадиција на Груевски по изјавата на новиот унгарски премиер. Тој праша дали има барање за негово испорачување, и ако нема зошто власта не побара.

Е.Б.