СДСМ во Државната изборна комисија достави листа со 42 илјади гласачи коишто, според нив, се сомнителни и треба да се избришат од избирачкиот список. Но, според опозицијата не станува збор за некаква спектакуларна иницијатива бидејќи поднесените податоци потекнувале токму од ДИК.
Во меѓувреме лидерот на ДПА Мендух Тачи по средбата со амбасадорката на ОБСЕ во Скопје изрази сомнеж дека за време на прочистувањето на Избирачкиот список институциите на државата ќе им наштетат на гласачите Албанци.
Според Тачи, постоечкиот список сè уште има фиктивни гласачи и оти главната вина е кај институциите кои ги контролира власта и кои не испраќаат точни податоци во ДИК. Тачи додава и дека ДПА не се согласува да се избришат лицата коишто моментално не се наоѓаат во земјата, а мнозинството од нив, дури над 80% се Албанци.
Следната седница на ДИК каде што ќе се дискутира за сомнителните гласачи се очекува за неделава. Државната изборна комисија пак, не го коментираше фактот дека со ребалансот на буџетот ќе им се одземат околу седум милиони евра, па ќе останат со околу 1,7 милиони.
На тоа реагираа од СДСМ од каде оценија дека ù се задава удар на институцијата која треба да гарантира демократски изборен процес.
извор: Алсат