Американскиот амбасадор во Србија Кајл Скот оцени дека на таблоидите во Србија на чии страници често се наоѓа во негативен контекст и е обвинуван за работење против власта, не им е важна вистината ниту информациите, туку само праќање на порака.
– Мотивацијата на луѓето кои се сопственици на такви таблоиди е јасна: нив не ги интересира продлабочување на пријателството меѓу Србија и САД, туку токму спротивното, оцени Скот во интервју за белградското списание „Недељник”.
Амбасадорот вели дека во таблоидите секојдневно гледа работи кои се „измислени за оцрнување”, но верува дека читателот кој го чита текстот, а не само насловите и да се задлабочи во него, тоа може да го сфати.
На прашањето дали тие текстови можат да влијаат на неговиот однос со српските власти ако се има предвид дека многу таблоиди се провладини, тој повтори дека голем број читатели на такви весници гледаат за што се работи, но дека некои веруваат во тоа што е напишано.
– Кога имате текстови од неименувани извори блиски до Владата, полни со чисти шпекулации, без факти зад тоа што го пишуваат, јас би се запрашал колку сето тоа е вистина. Бидејќи ако некој има нешто да каже, нека каже јавно, заклучи Скот.
На прашањето да ја прокоментира актуелната состојба на Балканот вклучувајќи го одреденото „ѕвецкање со сабји”, Скот рече дека смета оти моментно не постои ниту еден лидер во регионот кој сериозно размислува да се врати на војната, но дека историјата на ова поднебје покажува и дека мирот не може да се зема здраво за готово.
– Мора да се загрижите кога тензиите се зголемуваат, вели Скот.
Некои политички лидери кои сакаат да ги задржат своите позиции, имаат тенденција повремено да ги разгоруваат етничките тензии, за да ја зголемат поддршката која ја имаат во своето општество, оцени тој, а тоа не е тоа што му треба на регионот.
– Тоа што му треба на регионот се државници и политички лидери кои се фокусирани на иднината. Ни требаат повеќе државници, помалку историчари, заклучи амбасадорот.
Скот смета и дека е можно Хрватска и Србија да свртат нов лист и да кажат дека има пријатели и во Хрватска и Србија кои сите сакаат да се појде напред.
– Не постои причина зошто Хрватска и Србија, две нации кои се толку блиски и слични една на друга, да не можат да станат пријатели и сојузници. Но, за тоа ни требаат државници кои се фокусирани на иднината, фокусирани на доброто на своите народи, а не тие кои ќе ги повторуваат анимозитетите од минатото, вели амбасадорот.
По повод прашањето дали Србија ќе биде ставена пред избор ЕУ или Русија, американскиот амбасадор вели дека негов впечеток е дека многу граѓани и политички партии во Србија се посветени на европскиот пат, а дека добрите односи со Москва се можни и кога земјата е членка на ЕУ.
– Можете да имате добри односи со Русија и да бидете членка на Европската унија, рече тој во интервју за белградскиот весник „Недељник.
Скот меѓутоа вели и дека пристапувањето на ЕУ подразбира прифаќање на вредностите на Унијата.
Кога во некои полиња ќе дојде до несогласувања со другите членки, но и со Русија „од земја која е членка на ЕУ, се очекува да се придржува до одлуките донесени со консензус во надворешната политика на ЕУ”.
Според него, иден напредок на Србија кон ЕУ, клучен елемент е владеењето на правото кое е основа за многу други работи, вклучувајќи го неопходниот економски раст кој и е потребен на Србија.
На прашањето каква порака државата праќа ако не може да го реши случајот како уривањето во Савамала, тој вели дека така Владата и судскиот систем покажуваат дека не се ефикасни и тоа ја намалува довербата кај граѓаните.
– И во Америка ние имаме слични проблеми, во однос на полицијата и малцинските заедници. Тоа ја намалува довербата на народот во судството. А сите бараат само една работа: бараат влада која води сметка за своите граѓани и која може да ги реши проблемите кога ќе дојде до нив, вели тој.
Замолен да прокоментира какви промени во надворешната политика можат да донесат претстојните американски избори, тој со задршка дека како државен службеник не може да ги коментира изборите, потсети дека надворешната политика на секоја земја, па и на САД, се темели на националните интереси и основните вредности кои ги негува.
– Во таа смисла не очекувам поголеми промени во американската надворешна политика, без оглед на тоа кој ќе биде избран, заклучи тој.
Танјуг – Белград