Поглед од Бугарија….
Поради вкрстување на многу интереси тука на Балканот, талентираните демагози и испечени арамии како Мило Ѓукановиќ, Александар Вучиќ и Никола Груевски се грижливо заштитени од главните играчи на геополитичкиот покер.
Така Ѓукановиќ стана херој за Западот, Груевски – миленик на Русија, а итрото момче од Белград, Вучиќ, успева да им се допадне и на едните и на другите. Сега во мода е Груевски. Кафанскиот фолклор го канонизира како кум на македонската државна мафија. Тоа е шлагерот, кој масовоно се пее. Во средините посветени во таинственото подземје на власта, одамна се зборува за политичката рак-рана “Груевски-Мијалков-Јанкуловска”, а оние кои не го заборавија заветот на Дедиње, го обвинуваат Груевски за два смртни гревови.
ПРВО: За неколку мандати на чело на ВМРО тој, без капка грижа, ги испразни овие четири букви од содржината, во кои беа вложиле во нив Даме и Гоце, Тодор Александров и Иван Михајлов и удобно се потпираше на абривиатурата ДПМНЕ, чија срцевина се состоеше од стремежот да се чуваат југопостулатите за Македонија и во новото време.
ВТОРО: На овој фалсификат му ставија многу скап антички костум под кој беа скриени сите оружја, створени од Новаковиќ до Темпо, Ранкович и Тито. Веќе на сите им е јасно дека Груевски е непријател на ВМРО и дека ВМРО, нема никаква врска со ДПМНЕ.
Еве ти го и парадоксот: Заев, чии лидерски способности се скромни, добива шанса да ја спаси и суштината на ВМРО. Како? Благодарение на силниот меѓународен притисок СДСМ, традиционално поврзан со Белград, сега се обидува да компонира свој воз врз други шини. Ако состави влада и го предаде Груевски во рацете на правдата, тој без да сака би создал услови ВМРО конечно да ги побара вистинските корени и преку едно ново раководство, да го врати значењето и содржината на неговиот дух, нераскинливо поврзан со идеите, борбата и разбирањата на преродбениците и револуционерите.
Со строгоста со која Заев го отфрли барањето за осуда на геноцидот врз Албанците по 1912 г, велејќи дека тоа е политика на српската држава, тој ја сугерира и насоката на неговата евентуална еволуција. Еве го и парадоксот: Албанците, со терање на сопствените цели го расчистуваат патот за евроатланската интеграција на Македонија, од што се плашат најмногу Атина и Белград. Формирање влада со албанските партии сосема не значи дека ќе биде усвоена и нивната Платформа. Хистеријата за двојзичноста вештачки се подгрева од Груевски, поради стравот да му се одмаздат за направените насилства. Секоја уставна промена во Македонија е можна само со одобрение на две третини од пратениците. Ова ја бара поддршката на ВМРО, која нема да се случи. А, Албанците не од денес бараат опции за постигнување на своите цели. И нема што во Скопје да се прават изненадени од Платформата, создадена во Тирана. Не е толку далеку 1991 година, кога тие го бојкотираа новодонесениот Устав, бидејќи тој копираше многу од правните норми на Титова Југославија. Македонската политичка и интелектуална елита многу добро се сеќава дека уште во 1998 година претседателот на Албанската академија на науките, академик Ули Попа изработи ваков документ. Во 2002 година се појави и Платформата на Фронтот за албанско национално обединување / ФАНО /, исто развиена во Тирана. Нема како да се заборави и отвореното писмо на тогашниот претседател на МАНУ академик Георги Ефремов, со што на 8 март 2001 година ги повика своите колеги од Тирана да седнат и да разговараат за проблемите. Несомнено, Албанците ги извршуваат своите максималистички цели, но која Влада по 1991 година ги претвори нивните агресивни претензии во дипломатски приоритет?
Во декември 2016 година, Еди Рама, Зиадин Села и Билал Касам беа охрабрени од статијата на англискиот поранешен дипломат, а сега аналитичар и универзитетски професор Тимоти Лес, како и од зборовите на американскиот конгресмен и албански лобист Рорабејкар за поделба на Македонија, но позицијата и на официјален Лондон, и на Белата куќа е дека тие цврсто стојат зад територијалниот интегритет на земјата и зад мултиетничкото општество.
Зошто ниедна партија, по овие провокативни изјави, не го објавува текстот на Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година, прифатен под покровителство на меѓународните посредници Џејмс Пердју, Ален Жупе и Франсоа Леотар, заедно со новата албанска Платформа за да се разбере дека има само еден меѓународно признат документ за правата на Албанците во Македонија !?
Нека Заев ја формира новата влада! Македонија нема да пропадне. Тогаш ќе се разбере што точно договорил со Али Ахмети и неговите компањони. И ако се надминат правата и моралноста, има парламент, кој ќе одлучи што ќе биде следниот чекор. Ова ќе отвори простор за забрзување на евроатлантскиот процес на интеграција. Ќе му помогне и на ВМРО да се ослободи од југоносталгичарската наркоза на ДПМНЕ и преку нови лица во раководството, да се сврти кон автентичната природа на оваа организација.
А, што гледаме денес? Новинари, прифатиле во најскриената суштина србизми како причест за отруеност од бугаромразие, се најмногу екзалтираните бранители на ВМРО. Која перверзија! И токму тука е шифриран најголемиот заговор против оваа најмногу самобитно-вистинска македонска организација.
Со една нова Влада, со поддршка на меѓународната заедница, ќе бидат измкнати многу и од адутите на Србите и Грците. И конечно, тоа ќе им помогне и на албанските политичари да погледнат трезвено на реалностите. Без Али Ахмети и Мендух Тачи, кои исто така се клиенти за правдата, тие ќе имаат можност да се направи помудар политички избор.
Дали да или не, анексионистичните претензии, поттикнувани од Тирана, ќе го еродираат балансот на геополитичките интереси, со што никој нема да се согласи. На Македонија ѝ претстои тежок, но пат за заздравување. И таа ќе го изоди со достоинство. А Бугарија? Таа конечно ќе мора да ја преземе својата одговорност. Не пред актуелната политичка конјуктура, туку пред историскиот момент. Новиот почеток во односите меѓу двете држави тропа на вратата. Тоа ќе биде болно-мачно, прошарано со многу замки на минатото, но е неизбежно. И во тоа никој не треба да се сомнева!
————————————————– ——————-
Иван Николов, новинар, публицист и издавач. Тој е главен уредник на списанието Бугарија-Македонија.