Црквите и верските заедници во Република Македонија застапени во Уставот, во заеднички апел повикаа за смирување на состојбите, покажување добра волја и разумност во одлуките и постапките, воздржување од дејства што можат да ја загрозат државната, но и безбедноста на луѓето, домовите и семејствата.
Во заедничкиот апел кој денеска го пратија до медиумите наведуваат дека со внимание ги следат настаните кои, како што посочуваат, веќе подолго време ги обременуваат секојдневието и живеењето на сите граѓани.
Тие ги повикуваат политичарите и партиите да го покажат своето човекољубие и родољубие и во духот на почитувањето и толеранцијата да преземат заеднички и неодложни мерки, засновани врз легитимни државни и законски прописи, во надминувањето на искушенијата и опасностите што демнат.
Според нив, само така, сплотени и единствени, достојно ќе покажеме пред целиот свет дека мултиетничкото и мултирелигиозното општество во кое живееме може да функционира и опстојува.
„Сето тоа веќе се потврдило во нашата заедничка историја. Затоа, и ние како генерација, да покажеме преку личниот пример и со своите дела, а за доброто на нашата татковина, дека сме доследни и достојни наследници на нашите претходни генерации, дека сме вистински верници и патриоти. Впрочем, единствено така ќе покажеме дека сме достојни и на родот и на верата на кои им припаѓаме“, стои во заедничкиот апел.
Ова, посочуваат, е историска можност да покажеме дека навистина ја сакаме нашата заедничка татковина – Република Македонија, без разлика на која национална и верска заедница припаѓаме.
„Треба да сфатиме дека вистинско заедничко живеење се постигнува единствено во мир, со почитување на различностите и на правата на секој поединец, без скратување и нарушување на правата и достоинството на другите“, стои во заедничкиот апел на црквите и верските заедници во Република Македонија.