Македонија едно од жариштата од каде се ширеа лажни вести фабрикувани од Кремљ

На првиот Трансатлантски форум за стратегиски комуникации и дигитална дезинформација, што деновиве се одржа во Атлантскиот совет, беше спомената и Македонија како едно од жариштата од каде се ширеа лажни вести фабрикувани од Кремљ за обезбедување победа на Доналд Трамп на претседателските избори лани во САД.
Хакирањата започнаа со серверите на Демократската партија и со купување илјадници реклами на социјалната мрежа Фејсбук од страна на лажни профили, за кои се смета дека потекнуваат од Русија. Манипулациите, наводно, биле со цел насочување на вољата на електоратот во полза на Трамп. Политички актери во Вашингтон обвинуваат за инвазија на странска држава врз слобадата и демократските институции на земјата и порачуваат дека Русија за тоа треба да биде казнета многу пожестоко
Администрацијата на Трамп излезе со млитава реакција на овие обвинувања.
– Руската пропаганда работи преку сеење скептицизам и поделби со убедување на луѓето дека не треба да имаат доверба во политичките лидери и во институциите на ЕУ. Ова е многу ефективно поткопување на нашата демократија и треба да изнајдеме ефективен и координиран одговор, изјави Рон Џонсон, сенатор од Висконсин.
Главните „мејнстрим“ медиуми за ширење на руската антизападна пропаганда се Russia Today и сајтот Sputnik, но постојат и редица други. Најголема улога во хакирањето на изборите во САД лани играше фабриката за тролови со седиште во Санкт Петербург, Русија. Овие медиуми и во Македонија играа важна улога во креирањето на јавното мнение во полза на претходната власт.
Учесниците на форумот, помеѓу кои беше и поранешниот претседател на Естонија, Илвес Томас, заклучија дека руските напори за дискредитација на западните демократски институции преку онлајн манипулации и лажни вести на социјалните мрежи не треба да се изолира само на изборните процеси.
– Русите лансираат операции за ширење на нивното влијание постојано, и лажните вести се само дел од играта. Покрај лажните вести имаме и психолошки ифизички закани, насилство и атентати, корупција, енергетски и економски притисок, дипломатски тактики на раздели и владеј, користење на внатрешна поделеност на етничка, религизна или јазична почва, употреба на финансиска паника итн, изјави Едвард Лукас, новинар во Економист.
Руското влијание во Германија, Австрија, Словачка, но иво балтичките земји или во Украина е долгорочно. Дел од овие тактики беше, например, користен во Германија, и тоа се гледа по резултатите од изборите за Бундестагот, каде за првапат по Втората светска војна влезе партија со нациститички предиспозиции. AFDили Партија алтернатива, беше подржана од Москва.
Лажната медиумска наратива на Кремљ за Запад е дека овде владее декаденција, односно дека САД е социјално разделено општество, болно од расизам и полициска бруталност, ЕУ е во финансиски и економски колапс и преплавена од имигранти а НАТО е реликт од студената војна што треба да се укине.
Главна стратегија за спротивставување се координирани напори и соработка на сите актери во оваа борба, се вели во заклучоците.
– ЕУ и САД мора да сфатат дека се на заеднички фронт во решавање на еден од најголемите проблеми на денешницата – руската дезинформација, изјави Даниел Фрид, дипломат од искуство и соработник во Атлантски совет.
Тој се наврати на дестабилизирачката уога на Русија на Балканот и во југоисточна Европа и укажа дека само ЕУ и САД можат да донесат стабилност и просперитет во регионот.
Хакирањата на западните институции од страна на Москва започнаа во 2007 со нападот на владините служби во Естонија, откако властите во Талин преместија советски споменик од центарот на градот. Потоа следуваа слични напади во останатите балтички земји и во источна Европа.
Руската антизападна пропаганда доби силен замев со немирите и промената на власта во Украина во 2013-14, посебно со анексијата на Крим и конфликтот на истокот од земјата.
Трансатлантскиот форум за стратегиски комуникации и дигитална дезинформација е со намера да стане еден од главните интелектуали плацдарми на западните земји во минимизирање на улогата на руската специјална војна преку информативните апарати на Кремљ за ширење лажни вести на интернет и во етерот, се вели во програмата.
Настанот се одржа во соработка со StratCom Task Force, служба креирена од ЕУ за справување со руската пропагандна војна во Европа, а подржан од Форејн офисот, шведското Министерство за одбрана преку Агецијата за вонредни ситуации и Балтичко-американската фондација за слобода.
Борис Камчев/МИА
.