Шилегов ќе оди на протест за чист воздух!

од Vladimir Zorba
98 прегледи

  Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека ќе го поддржи денешниот протестен собир „Протест за чист воздух“, најавен на социјалните мрежи. Собирот ќе се одржи попладнево пред Град Скопје. 

– Ќе излезам бидејќи јас ја делам истата загриженост како и секој жител на Скопје. Јас го дишам истиот воздух како што го дишат и тие луѓе. Ќе бидам со нив и ќе ги повикам кај мене во канцеларија, да разговараме за проблемите. Секогаш може да се дојде до добра идеја од било кој наш сограѓанин. Градот работи посветено и веќе презедовме сериозен сет на итни интервентни мерки. Повеќе од 140 милиони денари токму годинава се поветени токму за заштита на животната средина, што досега не било предвидено, рече Шилегов.

Најави дека на пролет ќе почнат со интензивно разеленување на Скопје. Според него, потребно е сите заеднички, МВР во делот на сообраќајот, МЖСПП во делот на инспекција на капацитетите кои се во градот, а се под нивна ингеренција, како Макстил, Усје.., да го засилат инспекцискиот надзор со цел, како што рече, да добиеме навистина здрав амбиентален воздух во догледно време.

– Секогаш ќе бидам на фронтот независно тоа колку го чини мојот политички рејтинг во борбата против загадениот воздух. Јас нема да бидам градоначалник кој ќе ве повика да ги затворите прозорците и веројатно гледате дека може да се види таа разлика, истакна Шилегов.

Тој потсети дека од Нова година во централното градско подрачје има посебен сообраќаен режим за дотур на роба до продавниците. Според него, секој еден мал сегмент придонесува да имаме за нијанса поквалитетен воздух.

– Ова ќе биде долга и макотрпна битка, но јас сум убеден дека ќе ја добиеме како граѓани на Скопје. Невлегувањето на околу 4.000 мини товарни возила за дотур на роба во центарлното градско подрачје придонесува на извесен начин да се намали сообраќајниот хаос во текот на денот и има свој придонес, оцени Шилегов.