По укинувањето на титулата Национален уметник, само овие 5 уметници доживотно ќе земаат по 1.000 евра

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Македонија го донесе Законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, со кој се укинува доделувањето на оваа титула која се состои од доживотен паричен надомест од две просечни месечни плати.

Сепак, одлуките ќе продолжат да важат за петтемина од шесте добитници на титулата. Од востановувањето во 2011 таа им беше доделена на: Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров.

Образложувајќи ја потребата за укинување на Законот, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски соопшти дека за надоместоците на петте живи национални уметници за 2017 гдоина се потребни 4 милиони денари од Буџетот на РМ или за секој од нив месечно бруто по 66.300 денари.

– Се оцени дека со Законот се направи нерамноправен третман меѓу уметниците, како и помеѓу националните уметници и другите вработени во културата кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата, рече Лазовски, додавајќи дека постојат и други механизми за стимулирање на творештвото: парични износи кои им се доделуваат на добитниците на државните награди, право на месечен надомест по остварување право на пензија, откупи на дела итн…

Никица Корубин од ЛДП рече дека законот е недоследен зашто дискриминира и фаворизира една категорија уметници. – Државата е должна да води сметка за сите уметници подеднакво, рече Корубин.

Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ, која беше министер за култура кога се подготви и донесе законот, побара на јавна расправа да се дискутира за укинување на законот за да се слушне мислењето на уметниците, како што била организирана јавна расправа за донесување на законот пред седум години. Тогаш, рече таа, над 50 уметници го поздравиле носењето на законот, а некои од нив биле во работните групи што ги утврдиле критериумите за доделување на титулата Национален уметник.

– Законот се носеше со благородна, позитивна идеја во насока за унапредување на културата и почит кон нашите уметници. Дискриминацијата е токму во укинувањето зашто доведува до неправда и нерамноправен однос кон уметниците. Овие што добиле ќе имаат надомест, а на други уметници државата не им дава можност во иднина да се стекнат со оваа титула. Не може еднострано и самоволно да се одлучува за укинување на титулата, рече Канческа-Милевска.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ реплицираше дека во уметноста не постојат објективни критериуми зашто тие се естетски и не се мерливи.

– Политичките интервенции во уметноста се анахронизам и одамна напуштени во демократскиот свет. Наградите се доделуваат од даночни обврзници кои имаат право да не се согласуваат каде им одат парите. Тие треба да се прашаат. Продолжување на доделување на титулата ќе биде зголемување на неправадата. Сега е мигот да запре, рече Мухиќ.