Борба за опстанок: Градот на крајот на светот

од desk2
156 прегледи

Најсеверното руско пристаниште, градот Диксон во Сибир, се бори за опстанок. Метеорологот Ирина Шматкова вели дека ова е градот на крајот на светот.

„Посеверно од нас нема населени места – тука се само морето Кара, Арктичкиот Океан и Северниот Пол“, вели Шматкова за Радио Слободна Европа.

Градот го добил името по шведскиот истражувач на Арктикот, Оскар Диксон. Поларните ноќи тука траат со месеци.

За време на Советскиот Сојуз властите тука вложувале во развој на Арктикот и праќале луѓе да работат тука.

„Населувањето на овие краишта (на Русија) и доаѓањето на луѓето на север беше дел од општата стратегија. Беше предвидено луѓето тука трајно да се населат, за разлика од Канада, каде носеа луѓе по систем на ротација за да се експлоатираат природните ресурси. Кај нас стратегијата беше поразлична: населување. Имавме градинки, клубови, многу спортски клубови. Дури и одгледувавме крави во Диксон. Нашите деца пиеја свежо млеко. Се носеше сено со бродови“, вели Алберт Менгажев, учител.

Како што се намалувала потребата од пристаништето, почнало да се намалува популацијата во Диксон. Од 5.000 денес има околу 300 жители и метеоролошката станица таму уште функционира, но луѓето имаат сѐ помалку причини да останат таму.

„Владата премина на систем на ротација. Не можат да нѐ истераат оттука, ниту пак можат да нѐ преселат на цивилизиран начин, бидејќи тоа би чинело многу пари, па затоа создадоа невозможни услови за живот, па луѓето сами си заминуваат“, вели Менгажев.

Во локалното училиште има само 36 ученици, а повеќето млади луѓе не ја гледаат својата иднина во Диксон.

„Не планирам да останам овде. 300 луѓе не се доволно. Немам врсници со кои би се дружел. Кругот е многу тесен“, вели Александр Комјаченко, ученик.

Тркалото на среќата можеби ќе се заврти за Диксон, ако биде успешен договорот за транспорт на стоки по северната морска рута.

Есента во 2018 година заплови првиот товарен брод од Владивосток до Санкт Петербург преку Диксон.

Иако оваа рута уште не е комерцијално исплатлива, тоа би можело да се смени со топењето на мразот на Арктикот. Засега, Диксон чека подобри денови.